Палевски опоменат дека ќе го отстранат од судница, Обвинителството се противи на новите докази доставени од Ѓорчевски
Адвокатите на Велибор Манев и Влатко Кешишев немаат докази кои ги предлагаат во дополнение на доказната постапка.
Адвокатот на Боре Видевски, Бојан Манев, предлагжи да биде изведен како доказ обезбедениот видео материјал, со наредба од ОЈО Велес.
„ОЈО Велес има издадено наредби за две камери од бензинските станици Лукоил и Макпетрол кои можат да послужат како доказ, издадена од 29.11.2023 година и од 00:00 22.11.2023 до 00:00 23.11.2023 година“ рече бранителот на Видевски.
Манев не достави копии од наредбата, па судот ги праша поединечно дали секој од обвинетите и нивните бранители сакаат да ја видат. Никој не побара копија, а Палевски му рече на судијата дека ја знае.
„Ве молиме, да провериме дали таков видео запис е обезбеден по наредбата за да може да се произнесеме“, рече обвинителката Ана Стојковиќ Димитриевска.
Обвинетиот Љупчо Палевски беше опоменат да го почитува редот во судницата и да не зборува без одобрение од судот, да не го нарушува редот во судницата и да ги почитува укажувањата од судијата му укажа судијата Ивица Стефановски.
„Во спротивно, ќе бидете отстранети од судницата, ова е последна опомена“, рече судијата Стефановски.
Судот прифати да се изведат видео снимките од бензиската пумпа.
„Се прифаќа предлогот на Бојан Манев, да се презентираат видео записите од бензинската пумпа, доколку истиот ги обезбеди овие докази, односно видео записи“, рече судијата.
Судот му укажува на бранителот Бојан Манев дека доказот треба да го обезбеди, а судот ќе му овозможи технички услови да го презентира, доколку не го обезбеди нема да биде презентиран како доказ.
„Исто така предлагам до судот, како доказ да се изведе видео записот обезбеден со наредба од 04.12.2023 година на Основен суд Велес, која се однесува на обезбедени камери од 22.11.2023 до 24.11.2023. Ова го барам на околноста, дека на споменатата улица се наоѓа точно, на рутата на движење на „реното кангу“. Доколку се движело или одело кон куќата на Велибор Манев, мора да помине низ таа улица, тоа го знам бидејќи потекнува од Велес“ рече Манев.
Нови докази до судот достави и Александар Ѓорчевски, татко на убиената Вања, обвинет за помагање.
„Во дополнение на доказна постапка се изведуваат: Потврда број од 14.04.2025 година на Здружение Хопс Скопје, со која одбраната докажува дека корисник на телефонскиот број е Дарко Костовски, доктор, психијатар од Градска болница „8-ми Септември“. Фактура број на име Дарко Костовски како сопственик, а со ова одбраната докажува дека Александар Ѓорчевски, во критичниот период од 27.11.2023 до 03.12.2023 има остварено телефонска комуникација и овие докази се во корелација со веќе изведените докази, рече Владимир Туфегџиќ, адвокат на Александар Ѓорчевски.
На ова се противеше Обвинителството.
„Се противиме на овие докази“, рече обвинителката Жаклина Крстевска Јосифовска за дополнителните докази на Ѓорчевски. (Скопје1)