Палмер: С Македонија заслужи почеток на преговорите со ЕУ, билатералните прашања со Бугарија да останат надвор од процесот
Заменик-помошник државен секретар на САД за Европа и Евроазија Метју Палмер го пренесува ставот на САД за одржувањето на првата меѓувладина конференција со ЕУ и влијанието на проблемот што го наметна Софија
Палмер не сака да прогнозира каков ќе биде резултатот од состанокот следната недела, но, нагласи дека САД ќе останат партнери низ целиот тој процес со Северна Македонија и Албанија
Пристапниот процес во ЕУ треба да се базира на принципи, а Северна Македонија направи доволно реформи за да го оправда одржувањето на првата меѓувладина конференција, вели за Гласот на Америка, заменик-помошник државен секретар на САД за Европа и Евроазија Метју Палмер, според кого билатералниот спор со Бугарија треба да се решава надвор од пристапниот процес.
Тој се надева дека ќе се постигне договор првата меѓувладина конференција со Северна Македонија да се одржи за време германското претседателство.
„Северна Македонија има направено доволно за тоа, и мислам дека мнозинството членки на ЕУ се јасни во тоа. Ќе направиме се`што можеме да го подготвиме теренот, и ќе продолжиме јавно да ја демонстрираме нашата силна поддршка за придвижување на Северна Македонија кон членството во ЕУ“,
вели Палмер.
Палмер вели дека ставот на САД е дека одредени важни прашања кои се однесуваат на историјата, идентитетот и јазикот, треба да бидат решени меѓу Бугарија и Северна Македонија како соседи, сојузници и партнери и дека процесот за пристапување во ЕУ, сакаме да видиме тој да продолжи напред, без да ги вклучува билатералните прашања.
„Цената за влез во ЕУ е јасна и образложена на околу 80 илјади страници со правила и регулативи. Тоа е процес базиран на стандарди. Сакаме да видиме Северна Македонија да продолжи со реформите кои отворија врата кон Европа. Како што реков, има билатерални проблеми, кои можат и треба да се решат преку билатерален пат. Пристапниот процес кон ЕУ треба да зависи од адресирање на неопходните реформи, кои ќе осигураат Северна Македонија да биде членка на ЕУ“,
истакнува Палмер.
Според него, за да може да се одржи европската кредибилност во државата, ЕУ треба да покаже дека напредокот во реформите ќе се отслика со отворање на пристапниот процес. Тој посочува дека во овој момент, следен чекор за Северна Македонија е одржување на Меѓувладината конференција, и тоа е нешто што Северна Македонија јасно го заслужила преку реформи.
Сепак Палмер не сака да прогнозира каков ќе биде резултатот од состанокот следната недела во Брисел, но, нагласи дека САД ќе останат партнери низ целиот тој процес со Северна Македонија и Албанија.