Пандемија за држави!?
Замислете да живеете во една заедничка куќа, каде што управничката на куќата кон поголемиот дел од станарите се однесува како мајка која како да има завист да им се умилкува со душа – „леле колку ве сакам“! Тоа и се чита по очите. Додека кон другиот дел од станарите се однесува како лоша маќеа. Дури таа лошотија не може да ја сокрие! И да молчи, пак тоа ќе и се чита по говорот на телото, говор што често наликува на лоша клетва!
Кое чувство ќе го имаат тие станари за таквата управничка за која на дел од тие непожелни станари по телефон им рекле да гласaат за таа управничка, а сега самите си се преколнуваат „раката да ми се суши што гласав за нејзе“! Не потпишувала закон за дипломи на мајчин јазик во предшколство кога веќе и докторски дипломи се добиваат на мајчин јазик. Или пак не и се допаѓа името на јазикот оти треба да стои 20%! Вистински легалист, нема што!
Но, од како шефот Мицкоски ја укори, таа во стилот – леле, па јас не мислев така или вака… леле јадна јас колку грешам…! Нејзин говор на телото покажува кој е вистинскиот шеф на државата! Јас не би можел ни три минути да живеам во нејзино јас. Не е пријатно како газдарица друг да ти е газда! Ќе се чуствуваш многу беден и мизерен. Но, ние сме познати по тоа од нормални работи да направиме смрдливи мочуришта.
Но, да ја оставиме на страна „психоанализата“, па да почнеме од нејзиниот став кон тоа што се нарекува европско право (барем делот од Советот не Европа). Тука нејзиното објаснување по емисии ми наликува повеќе на силување отколку на право. Дали тоа од непознавање или од потреба за евтина дневна политика, но факт дека таа искажува бројни „чудни бисери“ што јас обично на студентите им пишувам слаба оценка. Опасноста доаѓа или од морска длабочина или од човечката плиткост. Секако во душата!
Но, првин околу правните ефекти на бројните конвенции од Советот на Европа. Повеќето од тие акти содржат долни забрани под кои државите членки не смеат да одат, но дека над тоа секако дека можат. Дури тоа е пожелно. На пример Европската повелба за локална самоуправа има орган „Конгрес на локални и регионални власти“ кој ја оценува состојбата со локалната и регионалната демократија во државите членки на Советот на Европа, но и самите локални и регионални власти можат да се обратат до Конгресот, ако сметаат дека е загрозено нивното функционирање. Повелбата ги задолжува државите да вршат селектирање меѓу неколкуте ставови (стандарди), но во континуитет треба да напредуваат кон подоброто.
Европската повелба за јазиците, истите ги смета за „културно богатство“. А не како нужно зло! Дури предвидува и акција за промовирање на таквите јазици, а не бришење од таблите по патиштата и гранични премини оти некому бодат очи! Тука претседателката постојните јазични права треба да ги промовира и да укажува на потребата за нивно авансирање, а не да вели „може, ама не мора“ (како во емисијата „Само интервју)! Тоа е катастрофа за научник која добро треба да ја познава таа материја, уште повеќе кога е во улога на „мајка на нацијата“ што треба да обединува. А не да разделува!
Значи, начелно конвенциите од Советот на Европа пропишуваат минимални стандарди испод кои државите и нивната легислатива не можат да отидат. Оттука, разбирливо што Венецијанската комисија како советодавно тело на Советот на Европа е формирана првенствено за да помогне за прогресивен развој кај држави со слаб демократски капацитет, а не за да лимитира напредок и авансирање. Значи, таа не е за да лимитира горна граница за уживање права, туку за дефинирање долен лимит под кој се не може. А кај нас сè се може! Не е срамота да се каже дека Венецијанската комисија е формирана за опоравување на примитивни европски правни поредоци, кај што спаѓале Грузија, Молдавија, Азарбејџан, Русија, Украина итн. Секако и ние. За повеќе европски држави е понижување да се обратат до Венецијанска комисија, особено кога се знае дека нејзините експерти се назначуваат партиски од локални влади!
Вториот апсурд во емисијата „Само интервју“ е толкувањето што Давкова го даде за член 7 на Уставот (ставот 5), кој уредува: „Во органите на државната власт во Република Северна Македонија службен јазик различен од македонскиот јазик, може да се користи во согласност со закон“. Таа вели дека штом стои зборот „може“, тоа значи дека „не мора“. Е тука, нејзината научната диплома заслужува корпа. Не треба јас од друга бранша да ја потсетам дека кај модерните устави за разлика од порано, не важи веќе правилото „се е забрането освен ако е недвосмислено дозволено“, туку обратно „се е дозволено освен ако јасно е забрането“. Секој нормален европски ексерт зборот „може“ ќе го чита афирмативно. Според таква нејзина логика, треба да се затворат сите институции кај што има високо образование на Албански јазик (па и докторски студии), оти нашиот Устав тоа не го предвидува. Член 48 став 4 на Уставот гласи: „Припадниците на заедниците имаат право на настава на својот јазик во основното и средното образование на начин утврден со закон. Во училиштата во кои образованието се одвива на друг јазик се изучува и македонскиот јазик“. И што прајме сега со нејзиното толкување?! Јас ја разбирам нејзината позиција, оти таа без ВМРО, ниту во најубав сон не ќе можеше да стане станарка на Вила-Водно, но тоа никако не и дава за право да ги искривува работите! Таа дури додека збореше во емисијата за тоа како судските органи треба да бидат „независни“ од политиката, и дека политичарите не сме да се мешат, во момент заборави на тоа и за случаите од „27 Април“ кажа дека „шест години да ве држи некој во затвор без правен основ тоа е страшно нешто“! Вистина страшно е тоа за политичар!
Македонија сама по себе е случај против себе!
Македонија се наоѓа во крајнo деликатна ситуација во постојна и предстојна глобална и регионална геополитика. За жал тоа сеуште не го знаат тие што треба да го знат. И во Европа ќе се менуваат граници. Најсилните ќе поминат подобро! А другите зависно од тоа колку се вешти во борбата за опстанок. Веројатно дека ќе ни пропадне и оската Русија – Унгарија – Србија – Македонија. Србија ова година ќе мора на избори со што режимот на Вучиќ ќе се поздравува со политиката на лаги, оти лагите често се враќаат за силно да ве прогонуваат. И мала грешка, регионалните држави скапо може да ги чини. Мој познат професор од Загреб, (врвен научник), сега ептен во години ми вели – „Колега, доаѓа времето на пандемијата за држави“. Тие со посилен имунитет ќе можат да се спасат. Тешко на тие што се водат од заспан или поспан менталитет, кои биле водени од луѓе со слаб осет за политичко време и простор. Тешко на тие што се водени од ептен конзервиран ум! Во таква опасна пандемија Македонија сосема лесно може да остане случај сама по себе или сама против себе. Како и до сега.
На се ова, навидум најдобро се снаоѓа Мицковски кои успешно се пере од тој крајно екстремен национализам што го практикуваше за време на изборите. Но, и тоа за некого е легитимно. Морално секако дека не. Mоралот често завршува таму каде што голата политика почнува. Но, тој во последно време успева за да се прикаже како успешен балансер во сите компоненти на власта, без оглед на тоа што некој ќе остане помагарчен! Но, тоа се правилата на играта.
Реално, Македонија е во напредна фаза на канцерот. Таа е единствена земја од источна Европа што стартот и бил добар а финишот лош и полош. Има некаков лек ама тој е многу скап и тешко достапен за просечни политички умови. А дополнителнл што ние како пациенти не веруваме веќе дека можеме да оздравиме. Тој е достапен само за камиказни државници кои ние ги немаме. Далеку сме од Јапонија. Кој е тој што може да истурка Закон за одземање недокажан имот? Ако имаме таков тогаш имаме лидер. Амо тоа ќе ја извлече нацијата од тешката депресија и ќе ја охрабрува за понатамошен живот. А вториот чекор треба да нуди пројекти што државата за пет години би ја претвориле во градилиште и промени. Па да имате Шар-планина и да немате 30 терени за модерно скијање, е рамно или на тотално незнаење или на глупаво несакање. Кинезите велат дека туке би донеле милиони туристи годишно (со седум месеци скијачка сезона со помош и на вештачки снег). Со модерно земјоделие и сточарство што брзо донесуваат профит. Потребна ни е ментална револуција оти сме навикнати на веќе хронично депресивната помисла – „не не бива за ништо“. Познавачите велат дека ние во ваква држава како вашата можеме да издржуваме 30 милиона луѓе со стандард повеќекратно повисок од постојниот. Тајван е колку Македонија а издржува 25 милиона луѓе со многу повисок стандард од нашиот. Па кога со години се правиме Французи, ај малце да бидеме и Кинези! Израел територијално е помала од нашата држава. Има околу 21.000 км2, а издржува над девет милиона жители кои живеат со четири пати повисок стандард од нашиот. Иако таа држава веќе 70 години е во континуирана војна со соседите, но таа сепак со години забалежува економски бум. Таа е школа за тоа како и пустината може се претворува во плодно земјиште. А ние нашете врвно плодно земјиште го претворуваме во пустина.
Така ние остануваме резерват на немоќта, на неработењето, на омразата и депресијата за кои секогаш виновни ни се други. Талентирани сме само за гол и прост национализам. Дури и тие кои во деведесеттети години беа многу зад нас, сега стасаа до Шенген! Сите одат напред, а ние цело време плачеме за нашата несреќна суднина обвинувајќи ги другите кои веќе се далеку пред нас и стасаа кај што треба. А ние по своја вина како селски будала со искинати панталони цело време служиме како одбор за дочек и испраќње за околни патници кои патуваат кон нормалното, перманенто плачејќи за нашата несреќна судбина, а истовремено продолжувајќи да наоѓаме проблеми за секое решение, наместо решение за секој проблем! Така сите ние продолжуваме да живееме како да ни е сеедно, а од сеедното никој се нема вратено.
Мерсел Биљали