Пандов: Затвореници се преместувале со усна наредба на директорот Филип Андов, ќе побарам да биде разрешен
В.д. директорот на Управата за извршување на санкции Александар Пандов денеска информираше дека ноќта на 19 овој месец е направен вонреден надзор во Затворот „Скопје“ и притоа е констатирано дека списокот со затвореници што го добиле од полицијата не кореспондирала со фактичката состојба која ја затекнале.
Пандев рече дека 11 затвореници не биле во своите ќелии, а состојбата била различна од она што го добиле во списокот и во полуотвореното и отвореното одделение, како и во пералната. Тој информира дека четворица затвореници во моментов се бегство.
На денешната прес-конференција тој посочи дека некои затвореници излегувале и влегувале во затворот кога сакале.
Според него, затворските полицајци изјавиле дека затворениците се преместуваат со усна наредба на директорот Филип Андов – Сокол, за кого рече дека ќе побара да биде разрешен.
Тој вели дека седум години не била направена контрола во овој затвор и дека во моментов двајца службеници се во затворот за да го земат материјалот од видео надзорот.