Панегирикот на Мицкоски за Венс и „новото нормално“
Анализа на Борис Георгиевски
Неколку дена откако им порача на своите сонародници и на светот да се подготват за „новото нормално“ кое го носи Доналд Трамп, македонскиот премиер Христијан Мицкоски во четвртокот (27.2) во Собранието реши да му посвети панегирик и на вториот човек во Белата Куќа- Џеј Ди Венс.
„Според мене, говорот на потпретседателот Џеј Ди Венс беше инспиративен историски говор. Сакале ние да признаеме или не, тој говор, а и настаните кои следат, ќе го сменат светот“, порача Мицкоски од собраниската говорница.
Џеј Ди Венс на Минхенската безбедносна конференција на 14 февруари одржа 18 минутен говор кој, благо речено, шокираше поголем дел од присутните, и наведе бројни аналитичари да прогласат крај на трансатлантските односи градени од крајот на Втората светска војна наваму.
Излагањето на Венс беше еден вид лекција кон присутните и светот, за тоа како администрацијата на Трамп ја сфаќа демократијата. Па така, Венс зборуваше за „анулирање на демократијата“ во Европа во која се „забранува слободата на говорот“. Откако претходно Илон Маск отворено ја поддржуваше десно-радикалната АфД на изборите во Германија, Венс отиде и чекор понатаму па сугерираше дека оваа партија треба да се вклучи во политичкиот процес.
Венс го критикуваше и поништувањето на, според него, целосно легитимните претседателски избори во Романија (кои Врховниот суд ги прогласи за неважечки поради докажаната руска вмешаност), потоа остро ја осуди забраната за демонстрации за абортус во близина на клиниките во Велика Британија, како и исклучувањето на екстремните опозициски партии од политичкиот процес. Отиде и дотаму што ја критикуваше одлуката на суд во Шведска кој осудил „христијански активист кој го запалил Коранот“.
Двојните стандарди на Венс и Мицкоски
Мицкоски уште го цитираше Венс кој на Минхенската конференција кажа дека не може да се зборува за заеднички споделени вредности кога има двојни стандарди.
„Нас ни е потребно еднаш за секогаш да се соочиме со вистината и со реалноста, да најдеме решение и да одиме напред.”
Двојните стандарди за кои зборуваше Венс, всушност се однесуваа на германската АфД и другите екстремни партии низ Европа, за кои навива новата американска администрација. Решението кое го заговара Венс е доаѓање на десните радикали на власт во Европа, за потоа, заедно со Илон Маск и Стив Бенон да не мораат да објаснуваат што мислеле кога упатувале фашистички поздрави кон публиката.

И Мицкоски во тој контекст ќе констатира „предолго време светот е заложник на двојни стандарди и на правилото големите прават што можат, а малите што мораат”. Доколку Мицкоски мисли на Украина, нејасно е како „новото нормално“ го менува тој принцип, со оглед на постапките на Трамп. Доколку, пак, како двоен стандард го проектира спорот со Бугарија, повторно е нејасно дали очекува и тој да биде решен по трамповиот принцип? И дали е сигурен кој ќе биде победникот во таа ситуација?
Најавувајќи свет кој се менува, и новата американска администрација како „предводник на тие промени“, Мицкоски вели дека доаѓа „мир“.
„Наеднаш немаме офанзивна реторика во светот, без разлика дали станува збор за Украина, Израел, Газа, Блискиот Исток, други конфликти, гледаме дека реториката која сите сега ја прифаќаат и која е предвесник на тие промени, е мир”, вели Мицкоски
Цената на „мирот“
Во светот веќе се водат жестоки расправи околу тоа што ќе донесе мирот на Трамп. Од изградбата на „ривиерата во Газа“, преку разграбувањето на украинските суровини, па се до резолуцијата во ОН во која Русија од агресор стана, безмалку, миротворец. Тоа што Македонија на Мицкоски се јави како ко-спонзор на таа резолуција е дел од „новото нормално“, како што би рекол премиерот.
Цената за недонесениот мир и новата нормалност многу лесно може да биде и распад на НАТО, како што веќе предупреди најверојатно идниот германски канцелар Фридрих Мерц. Кој пат ќе го фати Македонија доколку тоа се случи? Но, и доколку НАТО успее, со некое чудо, да опстане, прашање е како ќе изгледаат трансатлантските односи и безбедноста во Европа во следните години и децении. Подготвувајќи се за мирот на Трамп, членките на ЕУ и Велика Британија веќе наголемо планираат стотици милијарди евра нови инвестиции во одбраната и безбедноста.
На локално ниво, коалицискиот партнер на Мицкоски, Арбен Таравари предупредува од „трета светска војна“ доколку Ричард Гренел или некој сличен од „новото нормално“, повторно почне да изигрува мировник на Балканот и да го дели Косово.
Нејасно е на кого мисли Мицкоски и кога вели „ова е реториката која сите ја прифаќаат“. На списоците од гласањето во ОН, „сите“ беа: САД, Русија, Белорусија, Унгарија, Северна Кореја… и Северна Македонија“. Во Советот за безбедност, дури и Кина беше воздржана. Повеќето членки на НАТО и ЕУ остро ја осудуваат реториката и на Трамп и на Венс. Тие критики беа најизразени токму по „инспиративниот“ говор на Венс во Минхен.
Во економијата, мирот на Трамп веќе е на чекор да доведе до трговска „војна“ меѓу САД и ЕУ, откако истата веќе им беше унилатерално објавена на Мексико и на Канада. Не треба да се сомневаме дека македонската влада веќе има подготвено план што ќе прави во случај оваа „војна“ да го наруши мирот на странските компании во Македонија кои претежно произведуваат за европскиот пазар. И вработуваат повеќе десетици илјади луѓе.
Затоа, најчестото прашање кое денес си го поставуваат во Европа за „мирот“ на Трамп е: колкава ќе биде неговата цена?
„Светот се менува и ние мора да го фатиме чекорот со тоа како малкуброен народ“, порача Мицкоски.
Разбирливо е за мали земји како Македонија да си го бараат своето место во новиот светски поредок на Трамп. Но треба да бидат свесни и за последиците, особено ако цената на новите сојузништва е растурање на старите.
Мицкоски, кој во изборната кампања лани најавуваше „Горда Македонија“ и тврдеше дека нема да коленичи пред странските политичари, во меѓувреме е на добар пат да ја направи целата држава измеќар на една проблематична, нејасна и, во најмала рака, контроверзна странска политика.