Панел дискусија: Актуелните предлог измени на Законот за медиуми може да бидат кобни за локалните медиуми

Онлајн медиумите и новинарите од локалните средини може да се соочат со затворање и низа на други проблеми доколку предлог-измените на Законот за медиуми кои се во собраниска процедура поминат во сегашната форма. Ова е заклучокот од панел дискусијата „Измените на Законот за медиуми и локалните медиуми”, која што денеска (27.03.2025) се одржа во Скопје во организација на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Институтот РЕСИС, во рамките на проектот Работнички права за независно новинарство, поддржан од Европската Унија.

Претседателот на ССНМ, Павле Беловски рече дека потребата онлајн медиумите да бидат препознаени во законот е несомнена, но дека е потребна сеопфатна реформа на медиумските закони која ќе биде долгорочна и усогласена со европската регулатива – особено со Европскиот акт за слобода на медиумите.

„Сметаме дека е потребно да се направи измена и да се намали критериумот за локалните медиуми, специјализираните медиуми и медиумите на заедниците, кои иако се мали медиуми сепак создаваат важни содржини и објавуваат информации од јавен интерес. Она што можам сега да го кажам, иако и претходно го застапувавме тој став, е дека регистарот на професионални медиуми треба да ги содржи само основните критериуми, како импресум, транспарентна сопственост, мк домејн и слично, но построгите критериуми како што е бројот на вработени, или други критериуми што би можеле да се додадат, ако за тоа има волја, треба да важат само во случај доколку овие медиуми аплицираат за каква и да е форма на буџетски средства”, рече Беловски.

Тој додаде и дека повеќе од една чевртина од граѓаните во Македонија живеат во таканаречени медиумски пустини, каде што нема ниту локален медиум, ниту дописник и дека тоа сериозно се одразува на медиумскиот плурализам и на демократските процеси во земјата.

Новинарката од Битола, Анета Блажевска се осврна на критериумите предвидени во измените на законот кои би важеле за впишување во регистарот на професионални онлајн медиуми за кој одговорна ќе биде Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

„Ова што велите тројца вработени, за нас е невозможно. Зошто е невозможно? Затоа што нема пари. Немаме општествено одговорни компании на локално ниво што работат во Битола, тие на ниеден медиум во Битола не даваат реклами. Како би се финансирале ние, ќе треба да бидеме измеќари кај тие што се на власт. Друго што мене ме плаши, а не е поврзано само со условот со тројца вработени, за кои треба многу пари… е што ако не се регистрираме, оние новинари што работиме истражувачко новинарство и што имаме постојано тужби што сме на суд… како ќе одговараме ние? Како новинари? Или ќе одговараме како обични граѓани?”, рече Анета Блажевска од Апла.мк, Битола.

Со неа се согласи и Убавка Јаневска од локалниот велешки онлајн медиум „Дума” и додаде дека локалното новинарство значи целодневна и континуирана работа на вести од локалните заедници од регионот кој го покрива.

„Ние навечер гледаме повици, пишуваме апликации и се надеваме дека ако добиеме финансиска поддршка ќе ни помогне да го одржиме медиумот со двајца вработени. Тоа не е нималку лесна работа, а без дополнителна поддршка никогаш нема да можеме да работиме дополнителни истражувачки стории. Ние сме тие коишто одиме на настани во локалната заедница и поставуваме прашања пред да ги објавиме информациите, а работиме едвај за минимален личен доход. Измените во оваа форма може да бидат кобни за нас локалните медиуми”, рече Јаневска.

Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски рече дека е потребна доброволна регулација во таканаречен волонтерски регистар на онлајн медиуми, но дека е потребно и јасно дефинирање на статусот на медиумите што функционираат како граѓански организации.

“За да нема селективна примена на законот потребни се и олеснети критериуми за регистрација”, рече Чадиковски.

Во дискусијата, во која учествуваа голем број новинари и претставници на професионалните здруженија и невладините организации од медиумската сфера, беше јасно нагласено дека предложените парцијални законски решенија се неприфатливи и штетни, особено одредбата со која запишувањето во регистарот на онлајн медиуми се условува со број на вработувања. Беа посочени и искуствата од други земји во регионот и пошироко, каде таков услов воопшто не постои за влез во регистарот што го води регулаторното тело, туку е пропишан како услов само при аплицирање за државни фондови.

Панел-дискусијата се одржа во рамките на проектот „Работнички права за независно новинарство” спроведуван од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници во партнерство со Институтот РЕСИС, а поддржан од Европската Унија.

Back to top button
Close