Паника на аеродромот во Гренланд – сомнителен маж се качил во авионот на данската премиерка


На непознат маж во петокот навечер му било дозволено да ја помине безбедносната проверка на аеродромот во Нук, Гренланд, по што персоналот го одвел до авионот на данската премиерка Мете Фредериксен, во кој тој и се качил. Проблемот бил во тоа што мажот воопшто не требало да биде на тој лет. Целиот случај предизвикал безбедносна тревога, а враќањето на премиерката во Данска било значително одложено, пишува гренландскиот KNR. Авионот бил подготвен за враОаќање на премиерката Мете Фредериксен во Данска по нејзината посета на Нуук.

Меѓутоа, пред полетувањето, на аеродромот се појавил маж кој тврдел дека мора да патува со истиот авион како и премиерката.
За KNR тоа независно еден од друг го потврдиле три различни извори кои сакале да останат анонимни.
Според нивните наводи, иако мажот немал лична карта ниту каков било друг документ, ја поминал безбедносната проверка, а персоналот на аеродромот потоа го превезол до авионот.

Мажот со себе внел торба во авионот и, според тврдењата на изворите, почнал да ги пребарува полиците за багаж. Дури тогаш бил забележан, отстранет од авионот и предаден на полицијата.
Поради инцидентот, во Нук бил донесен друг авион, со кој премиерката на крајот полетала за Данска дури околу 3 часот по полноќ, во ноќта кон сабота.

На прашањето на KNR како било можно мажот да ја помине безбедносната проверка без документи и да стигне до авионот на премиерката, надлежните институции не дале јасен одговор.

Од компанијата Greenland Airports, која управува со аеродромот, потврдиле дека се случил инцидент, но за понатамошни коментари упатиле на гренландската полиција.
Гренландската полиција во е-пошта до KNR напишала:
„Гренландската полиција беше присутна на аеродромот во Нуук во врска со инцидентот и сме во дијалог со воздухопловните власти. Од безбедносни причини, начелно не коментираме инциденти на аеродроми. Гренландската полиција во моментов нема дополнителни коментари“.

Подоцна се огласила и Агенцијата за транспорт. „Агенцијата за транспорт може да потврди дека од Greenland Airports примивме прелиминарен извештај за инцидентот на аеродромот во Нуук. Поради доверливоста на податоците поврзани со безбедноста на аеродромот, не сме во можност да изнесеме детали. Агенцијата за транспорт секогаш сериозно ги сфаќа пријавите за инциденти и проценува кои мерки би можеле да бидат потребни во конкретната ситуација“, стои во нивното соопштение.

Back to top button
Close