Пановски го бара виновникот за украдените клупи, Данела му порача дека е „безгласна буква“

Советникот во Град Скопје, д-р Никола Пановски ги критикуваше градските власти за украдените клупи во Градскиот парк, а жесток одговор на неговиот пост пристигна од кабинетот на градоначалничката Данела Арсовска.

Градот Скопје повеќе од еден месец не дава информација за 29 клупи кои пред еден месец беа украдени од скопскиот кеј. Докторот Никола Пановски кој е член на градскиот совет вели дека ова е само еден од проблемите и ги повика граѓаните да бараат избори за нов градоначалник и нови членови на советот.

Во неговата последна објава тој потсетува дека пред повеќе пред еден месец од кејот во Скопје во една вечер беа украдени 29 клупи, за што тој побарал информација од градоначалникот на град Скопје.

„Помина недела, почна седницата, на која немаше ни писмена ни усна информација. Градоначалничката ја немаше, секретар не е назначен, директорот на ЈП не дојде, сите останати присутни од градската администрација молчеа“, истакнува Пановски во својата фејсбук објава.

Докторот го потсетува раководството на градот дека прикривање на кривично дел е исто така кривично дело, но реакција од нив нема.

„Во мојата дискусија ги предупредив одговорните во градот, а особено во ЈП Паркови и зеленило, дека прикривање на кривично дело (претпоставувам дека е кражба), е исто така кривично дело. На 29.02. Советот едногласно донесе одлука да побара од Градот и ЈП информација за клупите. Денеска добив покана за 45 седница на Советот закажана за 14.03.2024, со 32 точки на дневен ред. Информација за исчезнатите клупи,“ додава тој во својата објава.

На крајот ги повикува граѓаните да побараат нови избори за градоначалник и советници во градот.

„Ги повикувам граѓаните да побараат нови избори за градоначалник на 24.04. и за советници на Град Скопје, на 08.05.2024. Не е по Закон? Ок тогаш законски да си го изгубиме градот. Клупиве се ситница, има многу покрупни проблеми, но ако за клупиве немаме месец дена информација, мислам дека е се јасно колку е страшно“, заклучува Пановски во својата објава.

Од Град Скопје со реакција по обвинувањата од страна на докторот Никола Пановски кој е член на градскиот совет, а токму тој вчера на граѓаните им порача да бараат нови избори за градоначалник на Град Скопје.

„Советникот од редовите на ЛДП Никола Пановски продолжува со срамното однесување на социјалните мрежи ставајќи се во улога на Фејсбук инфлуенсер наместо да си го заработи чесно паушалот од 500 евра за една седница месечно и да се бави со она за кое што е избран во Советот на Град Скопје. Однесувањето на Пановски не доликува на Советник, а уште помалку доликува на професор, доктор и човек кој треба да образува нови генерации“, велат од Град Скопје.

„Во изминативе две години Пановски во Советот на Градот е безгласна буква, советник кој нема предложено ниту еден амандман, а камоли некакво решение во интерес на скопјани, во интерес на оние кои го гласале. Единствено нешто кое го интересира Пановски е паушалот од 500 евра за кој за жал не работи ништо имајќи ја во предвид неговата неактивност како советник. Што се однесува до клупите кои се исчезнати од кејот на Вардар, трагично е што Пановски коментира без соодветно да се информира за случајот кој е пријавен во полицијата и одговорот советникот треба да го бара токму од МВР. Очигледно советникот Пановски нема храброст да го контактира неговиот помошник министер во МВР кој доаѓа токму од неговата партија ЛДП и да го запраша до каде е истрагата за случајот или ќе продолжи и натаму да соли памет на социјалните мрежи?“, се наведува во писмената реакција од Град Скопје.

„Доколку не побара одговорност од својот партиски кадар на ЛДП тој ќе ги потврди сомнежите појавени кои покренуваат прашање дали тој самиот е инволвиран во случајот за кражбата на клупи, имајќи во предвид колку е запознаен во детали за начинот на кој е оштетен имотот на граѓаните и на кој се исчезнати клупите од градскиот парк“, велат надлежните од Град Скопје

Back to top button
Close