Папа Франциско, човекот од збор”
„Денешниот свет е во голема мера глув свет. Верувам дека и меѓу нас, свештениците, има многу глуви.Зборувам за тоа како ние учествуваме во животот на луѓето. Зборувам за блискоста. Малку да зборуваме, многу да слушаме, да го кажуваме само најнужното и сето време да гледаме во очите на другиот. Оваа блискост на свештеникот создава однос на духовна нежност, која Бог ја пројавува во односот кон нас.” Со истата блискост и насмевка, во голем кадар, нам, на гледачите, со овие зборови полека почнува да ни зборува папата Франциско. Небаре седиме близу до него и се гледаме лице в лице. По неколку куси играни сцени за животот на Св.Франциско во Асизи, со овие зборови започнува документарниот филм на германскиот режисер Вим Вендерс, „Папата Франциско – човекот од збор”. Вендерс на него работеше пет години, од 2013 до 2018. Премиерата беше на 13 мај 2018 на фестивалот во Кан. Филмот наиде на голем интерес кај публиката во целиот свет.
На свое големо изненадување, Вендерс 2013 добил писмо од Ватикан, со покана да дојде на разговор за проект со папата. Советникот за култура во Ватикан бил познавач на делото на Вендерс, затоа предложил токму тој да го направи филмот. Условот бил да го реализира во целост самостојно, без никакво учество на Ватикан, за потоа да не му се префрли дека направил пропаганден филм. Малкумина знаат дека Вендерс е верник, крстен католички, кој во шеесеттите се „отчленил”од католичката црква, а во осумдесеттите пристапил на протестантската црква. Денес вели дека им припаѓа на двете цркви. Се изненадил што за папата не било проблем што тој не е повеќе член на католичката црква. Тој истакнува во едно предавање, дека папата Франциско му го привлекол вниманието уште од почетокот, токму поради изборот на името на светителот од Асизи, кој зборувал со животните, се однесувал кон сите луѓе како кон браќа и сестри и го основал редот на крајно сиромашните монаси. Ниту еден папа досега не го беше избрал тоа име. Затоа бил љубопитен да дознае како ова кредо на светителот од Асизи, денес го применува папата Франциско. За филмот му стоеле на располагање архивските снимки во Ватикан и во други архиви. Иако Вендерс ползува архивски материјал, монтажата јасно го пројавува неговиот префинет филмски ракопис.
Светот што го загубил „моралниот компас“
Во петте години Вендерс четири пати се сретнал со папата Фрнациско на разговор од два часа. Знаел колку е важно за папата да слуша и да го гледа в очи човека. Во разговорот со папата Вендерс не е видлив, ниту се слушаат неговите прашања. Тој стоел зад камерата, а папата го гледал во монитор пред себе и му говорел. Всушност, низ очите на Вендерс, кои на мониторот ги гледа само папата, тој гледа во очите на секој гледач. Во филмот Вендерс е само раскажувач. Неговиот спокоен и мисловен тон одговара на благиот и бавен говор на папата. За да се избегне монотоноста на долгите одговори, Вендерс суптилно ги илустрира зборовите на папата со архивски материјали. Филмот започнува со голем кадар врз Асизи, а гласот на Вендерс го опишува светот со кризи, катастрофи, бегалски драми, војни, еколошко загадување и опасност за целата планета. Светот со човештво од осум милијарди, од кое една милијарда гладува. Тоа е нашиот свет, светот што го загубил „моралниот компас”. „Што треба да сториме, како да живееме денес во мир и во хармонија со нашата планета Земја”, се прашува Вендерс. За да го најде одговорот, тој ни помага да се запознаме со „човекот од збор” во Рим, папата Франциско.
Го гледаме папата како, веднаш по изборот, заминува во Лампедуза, во Италија, каде што во морето потона бродот преполн со бегалци. Стотици се удавија, само малкумина стигнаа на брегот.Новиот папа е од почетокот со тие што страдаат, со отфрлените и бедните, како што тоа го чинел Св.Франциско од Асизи. Во првото интервју за новинарите по изборот, папата Франциско раскажува дека му се „испуштило” тоа што му лежело на срце, па им рекол „колку си посакува сиромашна црква за сиромашните.” Во филмот тој потсетува на Евангелието, на зборовите на Исус Христос, дека не може да му служиме на два господара. Или му служиме на Бога или на богатсвото. „Најголемото искушение, кое се пројавува низ сета историја, за христијаните, за луѓето воопшто, но и за црквата, е богатството”, вели папата. Во една сцена тој зборува пред членовите на „Куријата”, во Сикстинската капела, дека „Куријата која не е самокритична, не сака да се промени и да се поправи е болно тело”. Камерата ги покажува лицата на кардиналите, окаменети од шок. Во друга пригода папата вели дека „во црквата која ја положува својата надеж во богатството, Христос не е дома”.
По сцените во кои го гледаме папата во средби со научници и во онлајн-разговор со астронаути во космосот, ги слушаме зборовите на папата кој не остава да потсети на најгорештите проблеми на планетата Земја. „Прекрасно би било кога, додека ги откриваме далечните планети, би ги откриле и потребите на нашите браќа и сестри кои „кружат” околу нас”, вели тој, правејќи луцидна реторичка фигура од „кружењето” на планетите со нашата „окруженост” со сиромашни и бедни кои, за жал, во нашиот безбеден свет стануваат за нас поневидливи од далечните планети. Затоа што не сакаме да ги видиме.
Благоста и човечката блискост на папата Франциско
Укажувајќи на искушението на власта и моќта во нашиот свет, тој потсетува дека „колку си помоќен, колку повеќе влијание имаш врз луѓето, толку повеќе си повикан да бидеш скрушено скромен. Инаку твојата моќ ќе те уништи, а ти ќе ги уништуваш другите.” Овие зборови на папата Вим Вендерс извонредно ги потенцира со архивски материјал. Го гледаме Владимир Путин како, со студена насмевка на „лисец”, влегува во ватиканските палати. Студенилото на неговото лице на гледачот му се причинува како да е реакцијата на Путин на зборовите на папата за власта и моќта и за потребата, колку си помоќен, да бидеш толку поскромен. Во следната снимка Доналд Трамп се џари во високите таваници во ватиканската палата со поглед на необразован човек, што првпат видел такво нешто. Веднаш потоа во филмот следат сцените во кои папата на Велики Четврток им ги мие и бакнува стапалата на африканските затвореници. Со тоа станува уште појасна суштината на скромноста за која зборува папата, која им недостига не само на многу политички, туку и на многу црковни моќници. „Има толку нешта што треба да ги направиме”, вели папата, „а тие можеме да ги направиме само заедно, за да во мракот на многубројните конфликти во светот проблесне светлината, која е посилна од мракот.“
Во една од најпоетските сцени во филмот, папата седи во авион и е загледан во убавината на небото, преполно со мали бели облаци како со бисери. Потоа, пак во голем кадар, гледајќи не‘ в очи, вели дека „едно од нештата кои ни помагаат во животот, е убавината. Уметникот е апостол на убавината кој нам, на другите, ни помага да живееме. Сетете се на сите уметници што го сториле тоа. Но, тоа важи и за секого од нас! Ако ме прашате, „дајте ми еден пример за еден обичен, секојдневен израз на убавина кој им помага на другите да се чувствуваат подобро и среќно”, ми паѓаат напамет две нешта, насмевката и смислата за хумор. Кога ќе се насмевнеме, нашето срце цути како цвеќе.”
На префинето естетски, поетски, но и на многу емоционален начин, преку убавината на доброто, на љубовта, на сочувството, на благоста и човечката блискост на папата Франциско, Вим Вендерс во филмот ни го приближува човекот, чија мисија беше на луѓето повторно да им го покаже изгубениот „морален компас”. Тоа го чини потсетувајќи не‘ на тоа што, всушност, е човечкото достоинство, кога вели: „Бог не‘ сака сите низ своето срце. Можеби тоа е единствената врска која не поврзува сите нас, луѓето, љубовта на Бога за секого од нас.” Таа најдлабока тајна на љубовта Божја, на која одговарал со исто толкава љубов за Бога и за сите луѓе папата Франциско, се чита во неговото лице, додека ги мие и бакнува стапалата на затворениците. Ретко кој папа досега го чинеше тоа на толку чист, речиси детски начин.
Кица Колбе