Папа Лав XIV до Зеленски: Ватикан е подготвен да биде домаќин на мировни преговори

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска беше примен од папата Лав XIV во неговата летна резиденција надвор во Касател Гандолфо, во близина на Рим, јави ДПА.

Ова беше втора лична средба меѓу Зеленски и Лав XIV. Украинскиот претседател присуствуваше и на инаугурацијата на првиот папа од САД, кон средината на мај.

Притоа папата му соопшти на украинскиот претседател дека Ватикан е подготвен да биде домаќин на мировни преговори меѓу Украина и Русија, објави Ватикан.

Папата разговараше со Зеленски за „итната потреба од праведен и траен мир“. Од самиот избор новиот Понтиф постојано повикува на мир во Украина, а Зеленски го покани папата да го посети Киев.

Зеленски денеска треба да го посети и италијанскиот претседател, Серџо Матарела, во палатата Квиринале .

Во италијанската престолнина утре почнува конференција за реконструкцијата на Украина, земјата која повеќе од три години се брани од руската инвазија, потсетува германската агенција.

Конференцијата во Рим, е четврти ваков настан од руската инвазија на Украина во февруари 2022 година, и е главно насочена кон мобилизирање на меѓународна поддршка за Украина.

На дводневната конференција во Рим, чиј домаќин е италијанската премиерка Џорџа Мелони, ќе присуствуваат и германскиот канцелар Фридрих Мерц и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, а фокусот на средбата ќе биде ставен на перспективите за Украина по завршувањето на војната.

На конференцијата се очекува да присуствува и американскиот специјален пратеник за Украина, Кит Келог

Back to top button
Close