Папата покрена зелена иницијатива и го осуди „предаторскиот став“ кон планетата Земја
– Папата Франциск денеска покрена иницијатива во која целта е католичките заедници, вклучувајќи ги семејствата, универзитетите и деловните активности, да ги направи еколошки одржливи, изјавувајќи притоа дека „предаторскиот став“ кон планетата Земја мора да престане.
Платформата „Лаудато Си“ е именувана по папината енциклика од 2015 година за заштита на животната средина, менувањето на расипничкиот начин на живот, запирањето на глобалното затоплување и заштитата на сиромашните од ефектите на климатските промени.
Кардиналот Питер Турксон, раководител на Дикастеријатот за унапредување на интегралниот човечки развој, на денешната прес-конференција кажа дека папата е поканет на Конференцијата на Обединетите нации за климатски промени (COP26) во ноември во Глазгов, Шкотска. Турксон додаде дека папата Франциск веројатно позитивно ќе одговори на поканата.
Папата во видео порака кажа дека иницијативата е „седумгодишно патување што ќе покаже како нашите заедници се посветени на различни начини да станат целосно одржливи, во духот на интегрираната екологија“. Тој о осуди „предаторскиот став што прави да се чувствуваме господари на планетата и нејзините ресурси и поради што неодговорно ги користиме добрата што Бог ни ги дал“.
Во иницијативата ќе учествуваат целни групи, вклучувајќи семејства, парохии и епархии, училишта и универзитети, болници и други здравствени установи, компании, лаички католички организации и свештеници и монаси и монахињи.
Од објавувањето на Лаудато Си („Биди пофален“) во 2015 година, ватиканските и католичките групи низ целиот свет почнаа бројни иницијативи за намалување на присуството на јаглерод.
Ватикан, најмалата земја во светот, речиси ја елиминираше пластиката за еднократна употреба, рециклира најмногу ѓубре и прави компост за своите градини.
Папата силно ги поддржува целите на Парискиот договор за намалување на глобалното затоплување од 2015 година.
-Овие рани на планетата драматично се манифестираат во еколошка криза што влијае врз почвата, воздухот, водата и екосистемот во кој живеат луѓето, рече Папата.
“Имаме голема одговорност, особено кон идните генерации. Каков свет сакаме да им оставиме на нашите деца и млади? Нашата себичност, рамнодушност и неодговорност ја загрозуваат иднината на нашите деца”, рече тој.