Парада на победата во Москва: Кога Путин говори за правда и праведност
Путин авторитарно владее со Русијa четвртина век, а на деветомајската Парада на победата има говорено 22 пати (говор на парадата стандардно држи претседателот на Русија, па Путин тоа не го правеше од 2008 до 2011 г. кога беше нејзин премиер). Низ тие негови говори провејува пропаганда, што важи и за оној последниот, но некои аналитичари сметаат дека оваа година Путин ја омекна својата реторика, што се должи на преговорите иницирани од Трамп, но и на други причини
Пишува: Вангел Башевски

/
Photo host agency RIA Novosti
За наводната праведност, сплотеност и непобедливост
Во својот последен деветомајски говор, покрај другото, Путин изјави (превод од руски):
Вистината и правдата се на наша страна. Сета земја, општество и народ ги поддржуваат учесниците на Специјалната воена операција. Ние се гордееме со нивната смелост и решителност, со таа сила на духот, која секогаш ни носела само победа.
Специјална воена операција (СВО) е еуфемизам за агресијата на Путин врз Украина, што е кршење и на меѓународното и на руското право, кое забранува водење на агресивна војна (чл. 353 од Кривичниот законик на Русија). Во агресијата на Путин врз Украина нема никаква правда, исто како што ја нема ни во воените злосторства, кои тој таму ги врши, како што нема ни вистина во дезинформациите, кои тој постојано ги пласира.
Со оваа изјава Путин пропагира едноумие и настапува по принципот „Државата – тоа сум јас“, небаре Русија е негова приватна сопственост, небаре сите нејзини граѓани размислуваат како него и небаре тие слободно можат да го изразат својот став. Во реалноста, Путин воведе драконски казни за „ширење на лажни вести за вооружените сили“ (чл. 207.3) и за нивна „дискредитација“ (чл. 280.3) со што се замолчува каква било критика.Оние, кои сепак критикуваат, ризикуваат дури и да го загубат животот, како што им се случи на опозиционерите Борис Њемцов и Алексеј Наваљни. Заради војната и репресиите, околу милион Руси ја напуштија својата земја. Избори или анкети во такви репресивни услови се немеродавни, па Путин нема легитимитет да говори од името на сите Руси, а каков е реалниот став на мнозинството од нив ние не можеме со сигурност да знаеме.
Ставањето на т.н. СВО и борбата против Третиот Рајх во иста кошница е обид да се направи паралела меѓу него и современа Украина, која Путин неосновано ја обвинува за неонацизам. Но, Украина ја забрани нацистичката идеологија со закон донесен на 9.4.2015 г., а на чело на земјата е Володимир Зеленски, кој има еврејско потекло. Неговите прадедо и прабаба биле жртви на Холокаустот, а неговиот дедо како советски војник се борел против нацистите како и милиони жители на Украина. Како и секаде, сега во неа има некои неонацисти, но тие се маргинални.
Путин во говорот како да го туркаше и митот дека Русија секогаш победувала во војна. Но, таа имала порази во: Кримската (1853 – 1856), Руско-јапонската (1904 – 1905), Првата светска (по што Руската Империја дури се распаднала), како и во војните против Финска, Балтичките земји и Полска (1918 – 1921), а особено е значаен поразот во Авганистан (1979 – 1989), а најпосле и распадот на СССР (1991), што бил голем пораз за Советска Русија, која била негов основоположник. Современа Русија, пак, била поразена во Првата чеченска војна (1994 – 1996) и во Сирија (2015 – 2024).
Путин не успеа да ги постигне зацртаните цели за т.н. денацификација на Украина (заземање на Киев и соборување и лустрација на тамошната власт, која лажно ја опишува како „неонацистичка“) и за т.н. демилитаризација (Украина е уште помилитаризирана и таа дури му влезе на Путин дома, во Курската област на Русија).
Русија не е доследна во својот антифашизам
Во својот последен деветомајски говор, Путин ја изрече и следнава невистина:
Русија била и ќе биде нескршлива бариера за нацизмот, русофобијата и антисемитизмот.
Историски гледано, Русија била страотно антисемитска. Руската Империја ги дискриминирала Евреите, кои смееле да живеат само во одредени делови од неа, тие биле убивани во погроми и против нив се ширел говор на омраза како во памфлетот „Протоколите на сионските мудреци“. Кулминација на тоа било создавањето на руското антисемитско движење Црна сотнија (рус. Черносотенцы), кое наликувало на идните нацисти.
По падот на империјата, такви политичари се нашле во белогардејската емиграција, кајшто меѓу двете светски војни ја создале Сèруската фашистичка организација на Анастасиј Вонсјацки, Руската фашистичка партија на Константин Роѕаевски и Руското национално и социјално движење на Павел Бермонт-Авалов.
Дури ни официјална Русија, тогаш дел од СССР, не била доследна во својот антифашизам. Со Пактот Молотов-Рибентроп (23.8.1939), Москва му станала сојузник на Адолф Хитлер. Тие си ја поделиле Полска, по што одржале заеднички воени паради и конференции на германската тајна полиција Гестапо и советската НКВД, а кај Мурманск во Русија била отворена германска морнаричка база. Москва дури му екстрадирала на Хитлер германски антифашисти засолнети во СССР како Маргарета Бубер-Нојман.
Хитлер го нарушил пактот со нападот врз СССР на 22.6.1941 г, а среде Русите и тоа како нашол соработници, кои формирале свои војски: РОА на Андреј Власов, РОНА на Бронислав Камински, РНА на Борис Смисловски и козаците како Иван Кононов.
Иронично, во агресијата врз Украина сега учествуваат руски неонацисти како Алексеј Миљчаков со одредот Русич. Русија има развиена неонацистичка сцена, а на 22.3.2015 г., во С. Петербург се одржа меѓународен конгрес на такви партии, среде кои беа: НДП (Германија), БНП (Британија), Форца нуова (Италија) и Златна зора (Грција).
СССР за многумина не бил ослободител
Путин во својот говор го изјави и следново:
Денес нас нè обединуваат чувства на радост и тага, гордост и благодарност, поклонување пред поколението, кое го урна нацизмот, кое по цена на милиони животи ја освои слободата и мирот за целото човештво.
Спротивно на раширениот наратив дека СССР во војната имал улога на ослободител, за милиони луѓе тој бил поробувач. Пример за тоа имаме во Литванија, Латвија и Естонија, кои СССР ги анектирал, по што таму спроведувал брутални сталинистички репресии.
По војната, СССР воспоставил репресивни марионетски режими низ цела Источна Европа, а нацистичките логори како Саксенхаузен, Аушвиц и Бухенвалд ги пренаменил во сталинистички. Од тој терор особено пострадала Полска. По нејзината поделба, СССР извршил масакри на илјадници полски заробеници како оној во Катин.
СССР ѝ одзел територии на Полска населени со Белоруси и Украинци, наводно за да ги ослободи, но и тие биле подложени на неговите брутални репресии.
СССР ја нападнал и Финска, на која исто така ѝ одзел територии, што им го сторил и на Чехословачка и Романија. Дел од територијата која ѝ ја одзел ја приклучил кон Советска Молдавија, пропагирајќи постоење на одделна молдавска нација со цел да ја оддалечи од романската. СССР ѝ одзел територии и на Германија – градот Кенигсберг и неговата околина (сега Калиниградската Област на Русија), кај што СССР спровел етничко чистење на етничките Германци.
По победата над Хитлер, СССР го зазел северниот дел од Кореја, кој дотогаш бил под јапонска окупација, по што воспоставил брутален режим кој опстојува до ден денес.
Омекната реторика
Некои аналитичари сметаат дека заради преговорите за војната во Украина, иницирани од Доналд Трамп, Путин овојпат се воздржа од прејаки квалификации какви што имаше во неговите претходни деветомајски говори. За тоа придонесе и присуството на поширок спектар на странски гости на парадата, за кои можеби би било премногу ако Путин би се расфрлал со епитети од типот на „трул Запад“, „Украинци-фашисти“ и сл. (имајте предвид дека ова беше парада по повод 80-годишнината од победата).
Затоа, Путин тоа го спакува во малку подипломатско руво и изјави дека сите сојузници на Русија од Втората светска војна придонеле за победата, иако не ги спомена поименично оние западните како САД и В. Британија.
Нелогичности
Во својот говор, Путин поименично ја спомена Кина, чии трупи дури зедоа учество на парадата, што не беше најиздржано, со оглед дека Кина не придонела за победата над Третиот Рајх, иако војувала против неговите јапонски сојузници. 9 Мај се одбележува во чест на победата над Третиот Рајх, а не над Јапонија, која капитулирала на 2.9.1945 г. На парадата имаше и други странски учесници, чие присуство беше помалку или повеќе нелогично од историска гледна точка (Лаос, Мјанмар, Виетнам и др.).
Се чини дека заради својата изолација, Путин бил принуден да кани какви било гости, дури и без некоја историска логика. Русија порано не беше толку изолирана како денес, па на парадата во 2010 г. заедно маршираа руски, американски, британски, француски, полски и украински трупи, што од историска гледна точка беше многу поиздржано.
Контроверзна изјава
Доста контроверзен дел од говорот на Путин беше следниов:
Наша должност е да ја браниме честа на борците и командирите на Црвената армија и големиот подвиг на претставниците на разни националности, кои засекогаш ќе останат во светската историја како руски војници.
Путин тука го употреби поимот „русские“, што означува етнички Руси, наспроти поимот „россияне“, кој означува жители на Русија без оглед на нивната етничка припадност, па излегува дека сите тие борци, за кои тој говореше, тој ги смета за етнички Руси, што би било фактографски неточно, па дури и навредливо за националните чувства на многумина низ Русија и пошироко низ бившиот СССР.
Можеби Путин целел на фактот дека во добар дел од светот СССР и Русија се користат како синоними, што се прави од незнаење или затоа што Советска Русија била основоположник на СССР и негова доминантна сојузна република, а тој бил создаден на територијата на некогашната Руска Империја.
Како и да е, би било крајно неправедно сè што е советско да се изедначува со руско, а среде војниците на советската армија имало припадници на најразлични етникуми. Затоа, изјавата на Путин некому може да му звучи како обид за асимилација на сите жители на Русија или за присвојување од страна на Русите на сè што е советско. Што точно Путин сакал да каже – не е јасно. (Вистиномер)