Паралелка „Фармацевтски техничар во фармацевтска индустрија“ отворена во училиштето „Д-р Панче Караѓозов”

Паралелка „Фармацевтски техничар во фармацевтска индустрија“ е промовирана денеска во средното медицинско училиште „Д-р Панче Караѓозов” во Скопје. Станува збор за ново занимање кое е прво во државава и во регионот.

Премиерот Зоран Заев рече дека со оваа паралелка прават уште еден чекор до образовен модел по светски терк за намалување на севкупната младинска невработеност. Вложувањето во средното стручно образование, посочи премиерот, ќе резултира со создавање нови и квалитетни образовни профили и ќе се ефектуира врз растот на националната економија и со справувањето со проблемот на заминувањето на младите надвор од земјата.

– МОН ја отпочна кампањата „Учи паметно, работи стручно“ како одговор на потребите на стопанството, а воедно и како резултат на дефицитот на стручни работници во компаниите во национални рамки. Во проектот дуелно образование се вклучени 46 средни стручни училишта кои ќе понудат голем број различни струки кои одговараат на потребите на локалниот пазар на трудот. Следејќи го овој тренд минатата година беше формирана работна група која ја креираше наставната програма за новото занимање „Фармацевтски техничар во фармацевтска индустрија“. Наставната програма е адаптирана на потребите на секторот фармацевтска индустрија и е наменета за учениците од трета и четврта година од секторот здравство и здравствена заштита во средното стручно образование, истакна Заев.

Потенцира дека од многубројните пријавени биле селектирани 23 најдобри ученици за да отпочнат со едукација во новоформирата паралелка, прва од ваков вид. Наставата, појасни, ќе се одвива во училиштето и во Алкалоид АД Скопје, а ќе ја водат стручни наставници и сертифицирани ментори.

– Тоа значи дека учениците ќе бидат директно вклучени во работниот процес со што ќе се стекнат со потребните практични знаења, вештини, компетенции што ќе им овозможат вработување по завршување на средното образование. Компанијата ќе обезбеди заштитна опрема, систематски прегледи, топол оброк и месечна стипендија од по 3000 денари за секој од овие ученици во текот на нивното школување. Визијата на Владата и МОН се потврди како блиска и привлечна за младите кои многу брзо ја препознаат шансата. Дури 64 проценти од запишаните ученици го одбраа средното стручно образование, рече Заев и на сите ученици им посака успешна учебна година која ќе им отвори нови видици на патот кон идната професионална определба, а на наставниците им посака успешна настава.

Додаде дека за да се спречи ширењето на Ковид-19 во училиштата потребно е максимална одговорност на сите и почитување на планот и протоколите од сите учесници во воспитно-образовениот процес, од ученциите, наставниците, родителите, се до општините.

Министерката за образование и наука, Мила Царовска рече дека низ годините компанијата остручила многу генерации кои поминале низ медицинските струки во државата. Со оваа програма, посочи министерката, даваме заложба за директно намалување на младинската невработеност.

– Како Министерство со поддршка на премиерот Заев почнавме социјален дијалог на почетокот на оваа календарска година со Стопанската комора каде утврдивме дека МОН треба да има силна активност за преговарање со компаниите кои струки, кои профили треба да се отворат доколку во моментот не постојат или да се зајакнат постојните со цел младите да добијат поквалитетно знаење и знаење кое доаѓа преку работа и искуство во компании за понатаму да може полесно да се вработливи и директно да се вклучат на пазарот на трудот. Целата таа активност даде одлични резултати. Учениците знаат што сакаат, што им треба, а наша обврска на сите кои имаме одредени функции е да ги задоволиме тие потреби за да останат во државата и за да гледаат својата иднина. Ги прашав што е тоа што го очекувате од оваа програма. Тие ми рекоа знаење, истакна Царовска.

Потенцира дека тоа укажува дека нашите млади луѓе имаат потреба од квалитетни наставни програми, квалитетна пракса за да може да стекнат знаење за да можат да станат продуктивни граѓани и да го дадат својот максимум во натамошна изградба и развој на оваа држава.

– „Учи паметно, работи стручно“ имаше таргет да склучи договори со компании, да отвори дуеални паралелки многу повеќе од минатите години кога имаше само десет дуални паралелки во државата, а денеска има повеќе од 1384 ученици во 97 дуални паралелки, склучени договори со повеќе од 200 компании во 44 училишта. За шест проценти ги зголемивме бројот на ученици запишани во средните стручни технички училишта кое со години беше потреба на нашата држава, додаде Царовска.

Директорката на Средното медицинско училиште, Маја Салиу рече дека иницијативата и проектот потекнал од Алкалоид АД Скопје, со поддршка од МОН се изработил комплетно нов наставен план и програма кој резултирал со ново занимање фармацевтски техничар во фармацевтска индустрија, кое е прво во државава и во регионот.

– Паралелката е парцијално дуална и комбинирана и делумно ќе се одвива наставата во компанијата од сертифицирани ментори и нашите професори, додаде Салиу.

Раководителот на човечки ресурси и координатор на проектот од Алкалоид АД Скопје, Никола Евтимов рече дека во процесот за реализација на проектот и за почетниот час мора да се одаде признание за посветеноста на професорите од училиштето и на менторите од компанијата и на МОН бидејќи во краток период и со тимска заложба успеале да добијат наставна програма и со поддршка на институциите што е добра основа младите кадри да се здобијат со знаења и вештини потребни за фармацевтската индустрија.

– Проектот ќе се одвива во наредните две години, истакна Евтимов и на учениците им порача дека посветеноста што ќе ја препознаат кај менторите кои ќе работат со нив треба да им служи за пример како со трудољубивост и посветеност може да се дојде до успех, како да се дојде до потребните знаења и како да се овозможи да се има кариера во една од најдобрите компании во државата.

Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов рече дека наставната програма е специјално креирана за ученици од трета и четврта година во училиштето од секторот за здравство и здравствена заштита.

– Наставата ќе се одвива во просториите на училиштето и во просториите на компанијата Алкалоид АД Скопје од стручни наставници и сертифицирани ментори. Учениците во практичниот дел од наставата ќе бидат директно вклучени во работниот процес на компанијата со што ќе се стекнат со посебни знаења и вештини кои ќе ги прават конкуретни на пазарот на трудот и со можност да вработување веднаш по завршувањето на средното образование. Целта на програмата е целисходно оспособување млади кадри за потреби на компаниите и зголемување на вредноста на средното образование, додаде Шилегов.

Back to top button
Close