Парите од солидарниот данок ќе им ги вратиме на фирмите, ќе ја поправиме грешката на опозицијата и меѓународните и ституции кои ги поддржаа
Одлуката на Уставниот суд е конечна и таа мора да се почитува, рече премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање на кој начин државата ќе врати 49,2 милиони евра на 156 компании, кои ја платиле оваа давачка откако Уставниот суд вчера донесе одлука за поништување на Законот за данок на солидарност.
„Ќе направиме мапирање на тие компании и поединечно ќе пристапиме кон нив. Ќе најдеме решение и заедно ќе го премостиме овој проблем“рече тој.
Додаде дека наместо тие 50 милиони евра да бидат искористени за нешто друго, тие ќе треба да враќаат нечии хирови, односно на некој што правел грешка.
„Нема ден откако сме сме избрани како влада, а да не се соочиме со непријатни изненадувања, кое мораме да го решаваме. Предупредувавме и тогаш, но она што мене повеќе ме вознемирува е што претходниците тогаш имаа поддршка од некои меѓународни финансиски институции. И сега кој ќе го врати ова? Еве, да ги прашам, бидејќи тогаш им посочував на тие финансиски институции дека некој ден ова дивеење некој ќе го враќа. Дојде денот кога вие треба да го враќате“,кажа премиерот.
Посочи дека фирмите во случајот ги имаат сите права, како и правото да бараат затезна камата.
„Тоа не е ништо чудно. Имаат право на сè. Но, сега би ја прашаа опозицијата кои се тие уставни судии кои Мицкоски ги навигираше. Нели, тие зборуваа дека наводно за мене работеле уставните судии. Но, еве сега нека излезат и нека им кажат на граѓаните како ќе ги вратиме парите. Од ‘Соравија‘ ли ќе ги вратиме, од ‘ролс-ројсот‘ ли ќе ги вратиме или, пак, од инстат фирмите за јаглен“,додаде Мицкоски.
На дополнителното прашање дали некој ќе одговара за воведување на ваквиот данок, премиерот рече дека и таа можност се разгледува.
Уставниот суд вчера со мнозинство гласови донесе одлука за поништување на Законот за данок на солидарност. Тоа значи дека државата ќе треба да врати 49,2 милиони евра на 156 компании. Постапката за оценување на уставноста на оспорениот закон, судот ја поведе на 20 ноември минатата година со спојување на повеќе предмети, а на денешната седница е донесена конечната одлука.
Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, веднаш по одржаната седница на прес-конференција рече дека компаниите сега ќе можат во рок од пет години, доколку сметаат дека со овој закон им биле повредени правата, да бараат да им бидат вратени парите.
Данокот на солидарност беше воведен како еднократна, вонредна јавна давачка за 2023 година. Овој данок го плаќаа компаниите кои во 2022 година оствариле вкупен приход поголем од 615 милиони денари (околу 10 милиони евра).
Целта беше да се соберат средства за ублажување на последиците од кризата и да се придонесе за јавните расходини на солидарен закон.
Од Министерството за финансии вчера соопштија дека ќе ги сервисираат обврските кои произлегуваат од одлуката на Уставен.