Парите се европски не унгарски
Денко Малески
Тоа не се кинески туку европски пари, одговори унгарскиот премиер Орбан објаснувајќи го потеклото на фамозната милијарда. Не рече дека се работи за унгарски, туку за европски пари. Логично: свои пари тешко се даваат. Ноторно е дека економскиот подем на Унгарија, од зачленувањето во ЕУ до денес е, во голема мерка, резултат на европски пари. Од ова сознание произлегува и гневот, па и срамот, на прогресивната јавност во Унгарија кон премиерот и партијата на власт кои ги сакаат европските пари но не и европските либерални вредности.
Сега, Виктор Орбан ги користи тие европски пари за остварување на целите на својата надворешна политика. Искрен е и не крие ништо. После кусата национал-популистичката ламентација врз погазеното достоинство на македонскиот народ од страна на сојузот на кој му припаѓа, ни ја кажува вистината. Вели дека безбедноста на Унгарија му е примарниот интерес и дека наредните бранови мигранти од Азија и Африка треба да бидат запрени на Балканот а не на Дунав кај Будимпешта.
Нашата улога на вратари е важна за Унгарија и оттаму интересот за интеграција на Западен Балкан во Сојузот. Искрен е и кога не остави сомневање каков треба да биде патот на новата влада во Скопје: продолжување на преговорите со ЕУ, најдоцна до крајот на годината. Не остави сомневање ниту дека има волшебно стапче кое ќе ни го отвори патот кон ЕУ без дијалог со една земја членка: Бугарија. Триесет и три години после независност и три илјади години после создавањето на првите сојузи, важи истото железно правило: сојузите се формираат за да ги бранат интересите на своите членки а не на претендентите за членство. И покрај грчкото четвртвековно искуство, македонските политичари, новинари и јавноста одбиваат да ја апсолвираат оваа проста и тешка лекција од меѓународна политика.
Се разбира, како суверена држава, Северна Македонија може да каже: Не благодариме. И тоа го кажа низ устата на македонскиот премиер. Можеме да и честитаме на Албанија за продолжување на преговорите и да и посакаме среќен пат. Но оваа глупава манифестација на национална гордост има своја цена. Самиот Орбан скоро експлицитно кажа дека отклонувањето од патот кон ЕУ со милијардата, не е трајно решение и дека Македонија мора да ги продолжи започнатите преговори исполнувајќи го условот од „францускиот предлог“, венсување на Бугарите во уставот.
Направи и чекор потака: се понуди да биде посредник во спорот, карактеристично за малите држави кои бараат улога која ќе им донесе афирмација на големата светска сцена. Промптно, бугарската страна ја отфрли идејата, повторно карактеристично за посилната страна во секој спор, страна која веќе еднаш попушти кога беше принудена да го крене ветото и да го прифати „францускиот предлог“. Сега, кога ние го прогласивме за наш пораз, Бугарите умно го прогласија за своја победа, иако најсреќни би биле ветото да останеше до ипсолнување на последниот нивен услов.
Загриженоста од фактот дека Албанија доби „зелено“ светло а Македонија „црвено“ ја сподели и унгарскиот премиер Орбан, заедно со мноштво европски политичари, без додатни објаснувања. Објаснувањата, бидејќи се непријатни, треба да си ги дадеме ние самите. Во некои помирни времиња на европскиот континент, пред руската агресија врз Украина, Макрон инсистираше на едновремено почнување на преговорите со Албанија и Македонија. Денес, гледам на ТВ, наши експерти и новинари со кусо паметење не се сеќаваат кои биле француските мотиви.
Стравот беше и останува истиот: ново пореметување на етничкиот баланс прво во Северна Македонија а потоа и во регионот на Западен Балкан. Велам ново зашто првото пореметување беше после распадот на Југославија кога независната македонска држава се доближи до рабовите на граѓанска војна па цената на мирот стана нејзино прогласување за мултинационална држава и нов меѓуетнички баланс. Прашањето што сега се поставува е: нема ли доцнењето на Македонија во европските интеграции, на среден рок, да го преврти македонскиот брод? Имено, каков ќе биде ефектот врз младите Албанци ако живеат во држава која стагнира додека преку граница „нивната матична држава“ просперира? Какви политички опции ќе се родат?
Вчера дадов подолго интервју на албанска новинарка. Преведувачот тетовец, со перфектно знаење на македонскиот јазик, замислен врз ова што го кажав, ми вели дека неговиот шеснаесетгодишен син не знае ни збор македонски. Како да му објаснам дека без македонскиот нема иднина за него тука кога сите од генерацијата си ја гледаат иднината надвор, во земјите на ЕУ?
„Не благодариме за ЕУ?“. „Среќен пат за Албанија?“. Мора да се шегувате вие во високата власт!