Парите за политички маркетинг причина дел од помалите партии да не го потпишат Кодексот за фер и демократски парламентарни избори

Еден ден пред почетокот на изборната кампања за парламентарните избори закажани на 8 мај во Кристалната сала на Собранието денеска се одржа свечено потпишување на Кодексот за фер и демократски избори.

q

На чинот беа присутни претставници на повеќето политички партии и коалиции кои ќе учествуваат во изборната трка за место во законодавниот дом, но не сите ставија потпис на Кодексот. Отпорот главно дојде од помалите политички субјекти, а главната причина за ваквата нивна одлука, како што рекоа дел од нив, е неправедната распределба на средства од државниот буџет за изборен маркетинг на политичките партии.

Пред чинот на потпишување на Кодексот, претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Александар Даштевски рече дека тој претставува израз на волја да се зачува интегритетот на изборниот процес и да се придонесе за развојот на демократските вредности и изборни стандарди.

„Почитувани потписници со вашето согласување со Кодексот за фер и демократски избори се обврзувате дека ќе ги почитувате етичките норми во текот на изборниот процес, дека нема да користите говор на омраза во вашите настапи и други дејствија при спроведување на изборите, нема да вршите никаков вид на дискриминација по било која основа и посебно дискриминација врз жените. Прифаќањето на овој кодекс значи дека се обврзувате преку вашите постапки дека нема да има никакво влијание врз вработени во јавната и државната администрација, во други институции или установи финансирани од буџетот на државата“,рече Даштевски.

Претседателот на ДИК по потпишувањето на Кодексот рече дека иако повеќе станува збор за церемонијален чин, тој сепак има свое значење во насока на почитување на основните принципи на кои како држава сме се обврзале во соработката со меѓународните институции.

 

„Најголем дел од претставниците (на партии и коалициите) потпишаа и се надевам дека ќе се грижат за спроведување на тие правила, бидејќи тоа не е нешто задолжително, мислам задолжително е да се организира настанот, но почитувањето зависи од етиката којашто ја применуваат. Што повеќе се почитуваат овие правила толку демократијата е на повисоко ниво во Република Македонија. Нашата основан цел е нели влез во ЕУ, а таму важат овие принципи“рече Даштевски.

Одговарајќи на новинарско прашање колку од партии го потпишале кодексот, Даштевски рече дека првин треба да видат дали е сè во ред со потпишаните материјали, да ги заверат во ДИК, а потоа ќе ги објават на веб-страницата на Комисијата.

По потпишувањето свои кратки обраќања имаа претставните на партиите и на коалициите кои денеска беа присутни во Кристалната сала во законодавниот дом.

 

Лидерот на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија и кандидат за претседател на државата, Максим Димитриевски, рече дека го потпишал Кодексот, но како што рече потпишале само форма, но не и суштина.

„Колку се демократски, правилни, праведни изборите и даваат еднакви можности за сите тоа го потврдува реалноста. Големите политички субјекти од народни и државни пари ќе добијат за политички маркетинг девет милиони евра, а малите политички партии по 8 000 евра, па граѓаните нека заклучарече Димитриевски.

Тој реагираше и на тоа што кандидати за пратеници директно се вклучени како говорници во кампањата за претседателските избори која е во тек давајќи им поддршка на своите кандидати за шеф на државата.

„Тоа ДИК треба да го преиспита“,рече лидерот на Движењето ЗНАМ.

Особено остар поради ваквата распределба на државните пари за политички маркетинг беше претседателот на партијата Демократи, Јорго Огненовски, кој рече дека не го потпишал Кодексот бидејќи, како што кажа, пред 20 години во Собранието на нелегален начин е донесен изборен законик со кој се прави дискриминација меѓу партиите.

„Не го потпишав Кодексот. Ние постоиме шест години како политички субјект, почитуваме правила, работиме според законот, верувам дека затоа не го потпишав овој кодекс бидејќи овие избори нема да бидат регуларни и фер, напротив ќе бидат криминални како и секогаш досега затоа што пред 20 години во Собрание години на нелегален начин е донесен криминален Изборен законик кој прави монопол за партиите коишто имаат свои пратеници во Собранието додека другите коишто учествуваат на овие избори како политички субјекти и немаат свои претставници во Собранието сме маргинализирани. Да не зборувам како се делат финансиските средства – тие земаат милиони, ние трошки“,

 

рече Огненовски.

 

Претседателот на партијата Демократи, Јорго Огненовски / Фото: Принтскрин

Кодексот не го потпиша ниту лидерот на ГРОМ, Стевчо Јакимовски, кој како и Димитриевски е кандидат за претседател на државата. Тоа, како што рече, не го направил од две причини. Првата, како што наведе, е начинот на финансирање на парламентарните избори.

 

„Огромни суми се издвојуваат само за четири коалиции и политички партии и како што рече мојот претходник говорник трошки за помалите политички партии. Идејата за државното финансирање на изборната кампања, на изборниот процес е да се поттикне политичкиот плурализам, да се поттикне повеќепартискиот систем. Тоа значи да се поттикне и јавување на нови политички партии, на нови идеи, на нови мисли, на нови програми, а не е идејата да се финансираат главната политичка партија на власт и главната опозициска партија. Втората причина е затоа што носители на листи учествуваат во претседателската кампања“,

 

рече Јакимовски.

 

Лидерот на ГРОМ и кандидат за претседател на државата, Стевчо Јакимовски / Фото: Принтскрин

Инаку, Јакимовски не го потпиша Кодексот ниту за кампањата за претседателските избори.

 

Шесте кандидати за претседател го потпишаа Кодексот за фер и демократски избори, потпис не стави само Стевчо Јакимовски

 

Кодексот за фер и демократски избори во името на „Коалицијата за европска иднина“ предводена од СДСМ го потпиша носителката на листа во третата Изборна единица од оваа партија, Сања Лукаревска.

 

„Се обврзуваме да имаме фер, коректна и позитивна кампања. Наместо да ги гледаме нашите политички опоненти како непријатели, да ги соочиме фактите и аргументите од нашите програмски ветувања, а со тоа и да покажеме почит кон електоратот за да можат сите да го одберат најдоброто на овие парламентарни избори“,рече Лукаревска.

Од главниот политички опонент на СДСМ, потпис на Кодексот стави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и актуелен градоначалник на општината Аеродром, Тимчо Муцунски, кој за документот рече дека значи почитување стандарди и правила кои се над законските и кои се поврзани со моралот и етиката.

„Тоа што можам да се обврзам и да дадам збор од името на коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ е дека ние ќе водиме позитивна кампања затоа што сметаме дека на Македонија и треба надеж дека ќе дојдат подобри денови за нашата држава, надеж дека ќе имаме нова влада што ќе почне да реализира проекти врз основа на програма и врз основа на очекувањата на нашите граѓани. Во таа насока посакувам мирна изборна кампања, мирен изборен ден, посакувам дебата да биде врз основа на аргументи и политики, а не ад хоминем и лични напади за кои сведочиме во последниот период во кампањата за претседателските избори и секако очекуваме успешен изборен ден за коалицијата ‘Твоја Македонија’ на 8 мај“,рече Муцунски.

На потпишувањето присуствуваше и актуелната градоначалника на Град Скопје, Данела Арсовска, која од неодамна е лидерка на партијата Нова алтернатива со која ќе учествува на изборите.

Таа кажа дека го потпишала Кодексот, истовремено информирајќи дека на гласачкото ливче за парламентарните избори нејзината партија ќе биде под број 9. Рече оти се надева дека и останатите политички чинители ќе се придржуваат до принципите за фер и демократски избори.

„Како носител на листа којашто доминантно е составена од жени и првпат имаме листа во изборната единица 1 каде позастапен пол е жената се надевам дека ќе имаме навистина фер и коректна кампања“,рече Арсовска, која исто така имаше забелешки за распределбата на државните средства за политички маркетинг на партиите.

Покрај лидерот на ГРОМ и партијата Демократи, изјави дека не го потпишале Кодексот дадоа и претставниците на партиите Десна и Работничка партија.

 

Back to top button
Close