Парламентарни избори во Сирија

Во Сирија денеска се одржуваат парламентарни избори во делови што ги држи официјалната влада предводена од претседателот Башар ал Асад.

Сиријците ќе излезат на гласање за да изберат нов парламент, во услови на здравствени мерки наметнати за да се спречи ширењето на вирусот Ковид-19.

Ова е трет изборен циклус во земјата од почетокот на конфликтот во март 2011 година, во кој загинаа повеќе од 400.000 луѓе, половина од населението на земјата е раселено, а повеќе од пет милиони Сиријци станаа бегалци во соседните земји.

Изборите се одржуваат и по воведувањето на новите американски санкции, кои се во сила од минатиот месец, како и антикорупциската кампања во која богат роднина на претседателот Асад е под притисок да врати десетици милиони долари на државата.

На изборите ќе учествуваат 1.658 кандидати за избор на 250 членови на Националното собрание на земјата.

Вкупниот број избирачи не е соопштен.

Асад двапати ги одложи парламентарните избори, како резултат на ограничувањата воведени во борбата против коронавирусот.

Сирија, која пред војната имаше население од околу 22 милиони, објави дека има 496 заразени од  Ковид-19 и 25 смртни случаи.

Шефот на сирискиот Висок судски комитет за избори, Самер Зумрик изјави за агенцијата САНА дека на овие избори ќе бидат отворени 7.400 избирачки места во 15 области.

Гласање нема да се одржи во северо-западната провинција Идлиб, последното упориште на бунтовниците во земјата, контролирано од курдските трупи, поддржани од САД.

Back to top button
Close