Парламентарни избори во Словенија на 22 март

Претседателката на Словенија, Наташа Пирц Мусар, денеска објави дека ќе ги распише парламентарните избори за 22 март.
Претседателката ќе го потпише решението за распишување на изборите на почетокот на јануари, по што, според планот, изборните активности ќе започнат на 12 јануари, според Словенечката радиотелевизија.
Пирц Мусар во октомври објави дека парламентарните избори ќе се одржат во март, а во консултации со претставници на парламентарните партии, последните три недели од март, односно 15, 22 или 29 март, беа споменати како можни датуми.
Како што сега објави, таа одлучи да ги распише изборите за 22 март 2026 година.
Законот предвидува дека редовните избори можат да се распишат не повеќе од 135 дена и не помалку од 75 дена пред истекот на четири години од првата седница на Парламентот. Конститутивната седница на актуелниот парламентарен состав се одржа на 13 мај 2022 година.
Помеѓу датумот на распишување на изборите и денот на гласањето не може да поминат повеќе од 90 или помалку од 60 дена. Последните парламентарни избори, кои беа регуларни за прв пат од 2008 година, се одржаа на 24 април 2022 година.






