Парното поскапе двапати за осум месеци, а Мицкоски пљачката ја прекрсти во „најниска цена во регионот“, обвини Левица

„Додека беше во опозиција, поскапувањето беше грабеж. Откако седна во премиерската фотелја, грабежот доби ново име: „минимална корекција“ и „најниска цена во регионот“. Очигледно, според енергетската доктрина на премиерот „енергетичар“, цената не зависи од трошоците и животниот стандард, туку од тоа кој ја контролира Владата. Кога сметките на граѓаните ги покачува ДПМНЕ, дури и тоа се обидуваат да го прикажат како е успех. Од декември, просечната сметка беше зголемена за околу 130 денари. Од август следува ново зголемување од околу 140 денари за стан од 60 квадратни метри. Наместо да го спречи вториот удар врз семејните буџети, РКЕ под раководство на Ацо Ристов (бизнис пријателот и сопартијец на Мицкоски) го прогласува за минимално поскапување, како граѓаните да треба да бидат благодарни“, велат од партијата.
„Македонскиот работник не зема љубљанска плата, не располага со белградски семеен буџет и не живее со софиски приходи. Платите на македонскиот работник се најмизерни во Европа! Тој живее во Македонија, каде што храната, домувањето, струјата, водата и греењето секој месец одземаат сè поголем дел од платата“, велат од Левица.
Од партијата наведуваат дека уште поскандалозно е што голем број домаќинства и понатаму ја плаќаат топлинската енергија преку распределба според квадратура, наместо според реалната потрошувачка во секој стан.






