Партијата Алтернатива за законот за дивоградби: Со договор меѓу двајца партиски лидери се влијае на органите на правдата

Според опозициската партија, Законот за бесправно изградени објекти, исто така, ги дискриминира граѓаните, фаворизирајќи ги тие кои граделе илегално, наспроти оние кои граделе законски

Со критика за Законот за бесправно изградени објекти се јави опозициската Алтернатива, посебно за делот кој овозможува „индиректна амнестија“ за досегашните прекршители на оваа регулатива.

„Во последно време сме сведоци на обидот на владата да прошверцува амнестија за сите тие кои имаат градено спротивно на законот и за кои органите на правдата повеле прекршочни постапки. За една земја која има аспирација да се зачлени во ЕУ е просто невозможно двајцата лидери на македонските партии, преку политички консензус, да влијаат на органите на правдата и да спречуваат прекршителите на законот да ја добијат заслужената казна, сето ова заради нивни политички пазарења“, велат од партијата, која е во колаиција и настапува заедно во Собранието со Алијанса на Албанците.

Според Алтернатива, овој закон, освен што не важи подеднакво за сите региони во Северна Македонија, тој и ги дискриминира граѓаните, фаворизирајќи ги тие кои граделе илегално, наспроти оние кои граделе согласно со законот.

„Дури, и полошо од тоа, на тој начин се стимулира нелегалното градење и непочитувањето на законот во иднина.Ова е причината да го прашаме јавно премиерот Заев: Кој е политичкиот пазар со ВМРО – ДПМНЕ за да помине еден таков скандалозен закон? Како планираат владеење на правото и правна држава кога со политички консензус ја прегазуваат правдата и директно се вмешаат во судската власт“,велат од Алтернатива.

Законот за бесправно изградени објекти, на кој претседателот Стево Пендаровски стави вето, се враќа во парламентот на седницата што треба да почне на 8 јуни. Со 72 гласа „за“, пратеници на владејачките СДСМ и ДУИ и на опозициската ВМРО-ДПМНЕ го донесоа Законот, кој се нашол на листата на закони за чие усвојување се договориле премиерот Зоран Заев и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Доколку во третото читање Законот биде потврден со најмалку 61 глас, претседателот е обврзан да го потпише указот за негово стапување во сила.Законот за легализација на дивоградбите се враќа кај пратениците на 8 јуни

 

 

 

Back to top button
Close