Партијата на Борисов бара да се запре прогонот на Бугарите во Македонија

t

Пратеничката група ГЕРБ-СДС во бугарското Собрание изразува категорично негодување и длабока загриженост во врска со пресудата изречена вчера од Основниот суд во Битолa против Љупчо Ѓоргиевски, поранешен претставник на згаснатиот бугарски клуб, „Иван Михајлов“ и претставник на бугарската заедница во Македонија. Ова го изјави претседателката на Комисијата за надворешна политика во Народното собрание, Јорданка Фандакова која доаѓа од редовите на оваа пратеничка група.

Коалицијата ја забележала и, како што велат, брзата и многу навремена реакција на Министерството за надворешни работи на Бугарија, кое вчера веќе изрази категоричен став.

„Оваа казна – едногодишна условна казна по обвинение за ксенофобија, расизам и ширење расна омраза по електронски пат за објавување цитати од Иван Михајлов на социјалните мрежи, не само што е правно неоснована, туку е и политички мотивирана. Таа претставува уште еден чин на институционален притисок и репресија врз Бугарите во Северна Македонија, чии човекови права се систематски кршат“, соопштиле од ГЕРБ-СДС.

Во декларацијата на пратеничката група се наведува дека ова не е изолиран случај, туку уште еден од многуте што ја потврдуваат ескалацијата на прогонот на Бугарите и нивните организации во Македонија.

„За нас, ова судење е недвосмислен обид за заплашување на бугарската заедница во Македонија и погазување на основните човекови права, вклучително и правото на слобода на изразување и здружување. Го прифаќаме како доказ за недостаток на независност и непристрасност во судскиот систем на оваа земја – кандидат за членство во ЕУ, што е во сериозен конфликт со европските вредности и критериуми“, соопштуваат оттаму..

„Ќе продолжиме да инсистираме меѓународната заедница и европските институции, чиј дел сме и ние, да се спротивстават на систематските кршења на правата на Бугарите во Република Северна Македонија и да бараме властите во Скопјe да ги почитуваат и гарантираат основните европски принципи на еднаквост и владеење на правото“, наведуваат од ГЕРБ-СДС.

„Бугарија не може и нема да остане рамнодушна кога нејзините граѓани и сонародници се подложени на неправда поради нивниот идентитет. Љупчо Ѓоргиевски и не е сам, целата бугарска држава и народ стојат зад него“, заклучила Фандакова.

Back to top button
Close