Партијата на Бошњаците поднесе кривична пријава против Китановиќ за постот за Ратко Младиќ
За објавениот пост, Бошњачкиот демократски сојуз денеска до надлежните институции поднесе кривична пријава против Далибор Китановиќ, директор на Агенцијата за остварување на правата на заедниците поради неговото јавно дејствување со кое се глорифицира и велича Ратко Младиќ, правосилно осуден воен злосторник.

Во партиското соопштение од партијата наведуваат дека е недозволиво носител на јавна функција со своите постапки и јавни пораки да ги релативизира воените злосторства и да го навредува достоинството на жртвите.
„Особено ја истакнуваме одговорноста што ја носи директорот на институција чија основна улога е остварување и заштита на правата на помалите, односно помалубројните етнички заедници во Северна Македонија. Од таква институција и нејзиното раководство очекуваме почитување на сите заедници, нивното достоинство, како и чувствителност кон жртвите на воените злосторства“, пишуваат од партијата.





