Партијата на Каракачанов бара бугарските медиуми да не преведуваат од македонски на бугарски јазик

Не сакаме бугарските ТВ да помагаат во спроведување на лажни тези, спротивни на научно докажаните и на бугарската позиција, бараат пратеници на ВМРО-БНД од Советот за електронски медиуми, пишува Дојче веле.

Пратеници од парламентарната група на коалицијата „Обединети патриоти”, поточно од партијата ВМРО-БНД (Внатрешна Македонска Револуционерна Организација – Бугарско национално движење) на Красимир Каракачанов, со писмо се обратиле до бугарскиот Совет за електронски медиуми (СЕМ) со барање да престане „преведувањето“ на интервјуа со политичари и граѓани на Република Северна Македонија.

Како што објавуваат бугарски медиуми, официјалното барање преку писмо било испратено до Бетина Жотева, претседателката на СЕМ, а било потпишано од пратениците од ВМРО-БНД, Марија Цветкова, која е заменик- претседател на Комисијата за култура и медиуми, и од Красимир Богданов, заменик- претседател на Комисијата за надворешна политика во бугарското Собрание.

„Научна и државна позиција“

Во писмото напишале дека се обраќаат до СЕМ во својство на народни пратеници од парламентарната група на „Обединети патриоти“, бидејќи до нив стигнале бројни сигнали од граѓани кои ја изразиле огорченоста што во вестите и програмите на поголем дел од бугарските телевизии продолжуваат да се испишуваат титлови на бугарски јазик, при емитување на интервјуа со политичари и граѓани на Република Северна Македонија.

„Го изразуваме нашето несогласување ваквите интервјуа да бидат ‘преведувани’, уште повеќе во момент кога Бугарија води тешка дипломатска битка, а која е на пат да ја врати историската вистина погазувана повеќе од еден век. Со години РС Македонија спроведува жестока антибугарска кампања и користи говор на омраза против Бугарија. Во моментов, во кој има посебна потреба бугарските медиуми да ја поддржуваат позицијата на нашата земја, свесно или неволно, тие го докажуваат спротивното. Не сакаме бугарските телевизии да помагаат во спроведување на лажни тези, спротивни на научно докажаните, и на официјалната бугарска позиција“, се вели во писмото.

Во обраќањето до СЕМ потписниците на писмото при секое спомнување на македонскиот јазик користат наводници, и епитет „таканаречениот“.

„Потсетуваме дека бугарската наука недвосмислено го определила т.н. ‘македонски’ јазик како регионална норма на бугарскиот јазик. Такво е мислењето и на Институтот за бугарски јазик при Бугарската академија на науките. Освен тоа, официјалната политичка позиција на Република Бугарија за време на целото самостојно постоење на државата Република Македонија / сега Република Северна Македонија, потврдена со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017 година, е за непризнавање на т.н. ‘македонски’ јазик. Во документите одобрени во овој период има јасна формулација, под која се потпишале неколку премиери на Република Македонија / Република Северна Македонија“, се вели во писмото на пратениците од ВМРО-БНД до СЕМ.

Критики за уредувачката политика

Иако велат дека немаат намера да се мешаат во уредувачката политика на медиумите, да вршат политички притисок или да ја ограничуваат слободата на говорот, претениците на ВМРО-БНД во писмото директно ја посочуваат емисијата „Хоризонт до пладне“, на бугарското национално радио од 19.11.2020, и упатуваат забелешки за ставовите што во емисијата ги изнел Станимир Панајотов, научен соработник на Институтот за општествени науки и хуманистички науки – Скопје и на Центарот за академски истражувања во Софија. Тој во емисијата изјавил дека „луѓето кои во Република Северна Македонија стануваат Бугари (се българеят – израз на бугарски, н.з.) во никој случај не значи дека се сметаат за етнички Бугари“.

Пратениците на ВМРО-БНД изразуваат загриженост во врска со овој став на Панајотов, но и за улогата на медиумот, тврдејќи дека „таквата пропаганда не е во прилог на бугарската позиција во спорот со РС Македонија”.

„Сметаме дека е неумесно таквите ставови да бидат толерирани во етерот на Бугарското национално радио, кое е јавен медиум, кој се одржува од даноците на бугарските даночни обврзници, и има јавна мисија. Сметаме дека систематското наметнување на вакви тези од страна на бугарските медиуми е навреда за Бугарите во Република Северна Македонија, кои со децении се репресирани заради тоа што опстојуваат на својот бугарски идентитет и не се скршиле, и покрај жестоките обиди за наметнување туѓ етнички и национален идентитет. Преку таквите тврдења се сквернави сеќавањето на стотиците илјади бугарски херои кои загинаа за ослободување на Македонија и за национално обединување на Бугарија. Се нарушува меморијата на македонските Бугари, измачувани и убивани заради нивната бугарска самосвест во логорите на смртта во Титова Југославија“, се вели во писмото.

Притоа посочуваат дека пратеници од ВМРО многупати го покренале ова прашање пред Комисијата за култура и медиуми во бугарското Собрание и во пленарната сала, но досега не добиле задоволително решение. Затоа, сега го повикуваат СЕМ да преземе мерки според неговите овластувања, „за да се стави крај на ваквите злобни практики”. Потписниците на писмото бараат и средба со Жотова, за да разговараат за прашањата што ги покренале.

Ваквиот потег се случува во време кога специјалниот претставник на македонската влада за Бугарија, Владо Бучковски заминува на разговори во Софија, и еден ден откако лидерот на ВМРО-БНД, вицепремиер и министер за одбрана во бугарската влада, се вклучи во интервјуто со премиерот Зоран Заев во емисијата „Стадион“ на Радио Канал 77, а голем број домашни медиуми пренесоа впечаток дека „Каракачанов омекнал во ставовите“

Back to top button
Close