Партијата на Палевски за него бара “биохемиска анализа на секој оброк” и “ВИП безбедносен третман”
Партијата Десна, чиј член е првоосомничениот за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, Љупло Палевски, соопшти дека Палчо уште од 17-ти јануари побарал да биде екстрадиран во Македонија. Според Десна, „Палчо е бренд и великан на македонската борба“ и поради тоа бараат „да има ВИП безбедносен третман“.
-Палчо треба да биде на безбедно, изолиран од ризици по живот, убиство, труење со храна, пијалоци, нарушување на здравјето, физичко малтретирање и изнудување на признанија, да има лекар што ќе го следи неговото здравје, биохемиска анализа на секој оброк и пијалок што ќе го конзумира, и радиолошка проверка на облеката и обувките што ќе ги носи. Анализа на крвта и урината еднаш неделно, стои меѓу другото во објавата на Десна.
По околу 5 месеци од неговото апсење во турскиот град Баликесир тој вчера беше спроведен со редовен лет на Туркиш Ерлајнс на скопскиот аеродром.
Палевски ќе биде сместен во посебна ќелија и ќе се движи по посебен ходник.
Просторијата во која ќе биде сместен е веќе подготвена, а мерките за безбедност се на највисоко ниво.
Тој, кој е осомничен за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и пензионерот Панче Жежовски, вчера со авион беше донесен од Турција.
Кривичните дела за кој е осомничен се „грабнување“ и „убиство на свиреп начин“. Предметот е се уште во фаза на истрага, но се очекува наскоро таа да заврши и да биде поднесено обвинение.
Двете жртви, 14-годишната Вања и велешкиот фризер Панче, беа пријавени за исчезнати на 24 и 27 ноември лани. Нивните беа пронајдени мртви во близина на Велес и Скопје на 3 декември.
Во овој случај како петоосомничен се јавува и таткото на Вања. Тој се гони за помагање во делото грабнување. Тој во моментов се наоѓа во домашен притвор