Партијата на Унковци, Котевци, Митевци

 Биљана Секуловска

Секогаш сме шокирани кога македонските уметници добиваат светски награди. Но, потоа сѐ ни станува јасно, кога ќе се сетиме во која и каква држава живееме. Со која партија Георги Унковски ги доби наградите низ светот за “ДЏ Ахмет”? Која партија стои зад Тамара Котевска и нејзината “Приказна за Силјан”? Од кој партиски штаб ја режирала Теона Митевска “Мајка”? Тоа се само последните филмови зад кои стои мајката на сите мајки, а тоа е партијата.

Но, нивната партија е поинаква од онаа која ние тука ја знаеме, ја славиме, живееме и умираме за неа. Затоа што нашава партија стои цврсто зад нас, ја носиме на грб уште кога ќе се родиме. Плачеме по неа во пелени и кога сме веќе остарени. Со химната на партијата се будиме и уште сонливи потпевнуваме за сите успеси дента кои нѐ чекаат, благодарејќи на нес. Навечер пред легнување темјанот се пали за да замириса на молитва светот во кој постоиме заради неа.

Таа друга партија на Унковци, Котевци, Митевци е многу далечна за нас. Ние слушаме само дека таа некаде постои таму во светот, тогаш кога ќе стапнат на друго тло, тогаш им се отвора поинаку срцето и умот. Таму грабаат, тука ги влечеме надолу. Таму се борат, се радуваат, патат, нивните крв, пот и солзи имаат друг вкус од овој тука. Нивните успеси се само доказ за нашите неуспеси, тогаш кога партиските штабови нѐ запишуваат на тендерите, конкурсите, натпреварите, на сѐ што всушност у не постои. Во исто време нѐ отпишуваат од списоците на мачно чекање на резултати, ни ги отвораат вратите низ иглени дупчиња да се протнеме, да се закачиме како пијавици, да ја цицаме крвта од секој што ќе ни го попречи патот исткаен со партиски шмугнувања низ сите пори на знајни и незнајни.

 

Затоа и никој не може да ја види поинаквата партија, онаа на унковци, котевци, митевци…ги има прилично многу во последниве години, партијата им се шири секаде низ светот, и само тие знаат и дознаваат како се влегува таму и зошто таа вреди да се чува и негува. Таа партија се вика слобода. Тие луѓе, Унковци, Котевци, Митевци, тие се одамна се станати слободни луѓе, тогаш кога талентот и трудот ги пуштиле да ги води низ животот, но оној во светот. Тука слободата, талентот, трудот се залудни, затоа што се безвредни. Пет пари никој не дава за нив тука, во оваа земја. Сѐ додека летаат без нас и надвор од нас, сѐ дотогаш ќе ја имаат слободата која им ја одземавме со нивното раѓање.

Back to top button
Close