Партиски донатори и луѓе од времето на Арсовска повторно седнаа во Управните одбори на скопските претпријатија

 

На средината од минатиот декември, градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски објави на социјалните мрежи дека се намалува висината на надоместокот за членовите на управните и надзорните одбори и ќе следува кратење на бројот на членови, со што би се направила исправка на неправилностите што со години се повторувале.

Советот на Град Скопје изгласа нови 117 в.д. членови во Управните и Надзорните одбори, како и во јавните установи од културата.

 

И покрај намалувањето на месечниот надоместок, сепак, овие 117 членови се голем финансиски товар врз претпријатијата формирани од Советот на Град Скопје, затоа што со години работат со загуби и новата градска власт вети домаќинско работење кај сите фирми.

Советничката на Левица, Дарја Мустафоглу, за „Фокус“ вели дека, наместо да се назначуваат в.д. членови, можело да се распишат огласи за нови членови.

Околу 20 имиња од в.д. членовите на управните одбори се поранешни членови на јавни претпријатија, претпријатија кои не покажале добри резултати во своето работење.

„Можно е да си истераат и 4 години мандат како вршители на должноста наместо да се почитува законскиот рок од 6 месеци зашто им се може. А, градоначалникот Ѓорѓиевски, во една пригода кажа наводно дека откако ќе им истече мандатот од 6 месеци ќе распишел јавен повик.

Еве и да немал време претходно (иако не е оправдување, уште веднаш можело да се распише повик откако е избран) може уште веднаш сега да распише повик и да им се скрати тој максимален рок од 6 месеци и да се изберат компетентни кандидати во сите претпријатија и установи како што се музеј, зоолошка, КИЦ…. А може и да си ротираат и да назначуваме в.д. на секои шест месеци“, вели Мустафоглу за „Фокус“.

Според имињата на новите членови на управните и надзорните одбори, може да се заклучи дека тврдењата на опозициските советници, дека се работи главно за партиски членови кои имаат богатата партиска биографија, се точни.

Повеќе од 20-тина од новите членови веќе членувале во некој од одборите во другите јавни претпријатија и оттука се поставува прашањето, зошто повторно се избрани овие кандидати ако Советот веќе решил да ги промени составите на Управните и Надзорните одбори за да се обезбеди подобро функционирање на претпријатијата во однос на времето на Данела Арсовска.

За вршители на должноста, членови на управниот одбор на ЈП Комунална хигиена-Скопје, се именуваат: Антонио Конески, Арсим Мамути, Христина Јованоска, Сашо Ѓуроски, Соња Ѓелевска-Шетловска, Александар Илиќ и Марија Рошковска.

Соња Ѓелевска-Шетловска е вработена како советник за сметководствени работи во Министерството за финансии и е партиски активист на ВМРО-ДПМНЕ, која пред победата на парламентарните избори во 2024 донирала 40.000 денари за кампањата на својата партија.

За вршители на должноста членови на управниот одбор на ЈП Водовод и канализација-Скопје се именувани: Милена Крстева, Сабедин Ибраими, Антон Петков, Јован Карчовски, Валентина Кузевска, Гоце Цветковски и Стефани Митревска.

Милена Крстева е адвокатка во ЈП Водовод и канализација од 2014 година. Нејзиното име се појави и во Министерството за одбрана каде што е ангажирана како адвокат од декември 2024.

Членот на Управниот одбор, Јован Карчовски е дел од Градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Тој е еден од поголемите донатори на партијата. На 11 март 2024 година пред парламентарните избори Карчовски донирал 180.000 денари или 3.000 евра.

Back to top button
Close