Партнерот на Дрин Ахмети во „Соравија“ и фирмата „Ѓока“ за паркингот во Клинички под истрага во Албанија
Специјалната антикорупциска структура (СПАК) во Тирана, која е една од најважните и најмоќните институции во Албанија, ја суспендираше од функцијата албанската вицепремиерка и министерка за инфраструктура Белинда Балуку. Забрането ѝ е да ја напушта и Албанија. СПАК вчера ја обвини за местење тендери во кои како фирми се јавуваат и албанските компании „ПЕ-ВЛА-КУ“ и „Ѓока Констракшн“ кои изминативе две години беа дел од две одвоени афери и во Македонија, пишува Ирл.

Доцна синоќа СПАК официјално соопшти и детали од случајот, а заедничко за двата тендера е што добитниците биле однапред договорени.
„Обвинетата Белинда Балуку, во соработка со членовите на Комисијата за евалуација на понуди, обвинетите Евиз Бербери, Гентиан Ѓули, Ералд Елези, Јетмира Дервиши и Мирзета Кашница, однапред го утврдиле добитникот на постапката за јавна набавка за тунелот Логара, создавајќи неправични предности и привилегии“, се наведува во соопштението на СПАК.
Исто било откриено и во постапката за изградба на надворешната сообраќајна обиколница број 4 околу Тирана.
„Балуку, во соработка со обвинетиот Евиз Бербери, членовите на Одделението за јавни набавки, лицата, членовите на Комисијата за евалуација на понуди., однапред го утврдиле добитникот на оваа постапка за јавна набавка“, се наведува во соопштението на СПАК.
Во албанскиот регистар за јавни набавки ИРЛ денеска провери кои фирми ги добиле тендерите и ги откривме имињата на „ПЕ-ВЛА-КУ“ и „Ѓока Констракшн“.
Компанијата „ПЕ-ВЛА-КУ“ работела на обиколницата околу Тирана, а „Ѓока Констракшн“ во 2021 година ја добила работата за пробивање на тунелот под планината Логара. Тој сега сообраќајно ги поврзува Валона и јужното јонско крајбрежје, но тендерот бил поништен, а од албанската фирма не се жалеле.
…





