Пат кон амбисот

м-р Глигор Стоименов

Размислував некое време како на наједноставен начин би ја опишал политичката ситуација денес во Македонија, само една година по изборот на новата Влада? За жал оваа политика на владата ми изгледа како “возење кон амбисот“ ништо повеќе од тоа.

Мојата земја никогаш до сега од страна на некој висок дипломат од меѓународната заедница не била наречена “Тажна приказна“. Ама никогаш.

До сега во овие триесетина години сме опстојувале во разни премрежија и кризи, економска криза, политичка криза, сме издржале и во хибриден режим, но никогаш не сме биле тажна приказна, напротив, многупати бевме нарекувани “Македонија успешна приказна“.

Што е тоа што се случи за само една година, треба сите да си одговориме.

Но да тргнеме по ред.

Треба прво да си одговориме на едно клучно прашање, кој и во чие име стави мораториум на нашата интеграција во Европската Унија. Кој и во чие име става рампа на просперитеот и иднината на оваа земја, на идните генерации и на нашите деца, со некакво образложение дека го брани идентитетот. Тоа е една голема манипулација и измама која за жал сè уште голем дел од нашиот народ не ја разбира. Идентитетот веќе го одбранивме 2022 година со тоа што го решивме проблемот со Бугарија, што го официјализиравме македонскиот јазик во Брисел и што ги отворивме широко вратите за почеток на преговорите. Така се брани идентитетот. Ова другото е само играње со емоциите на нашиот народ, само и само за власт.

 

Што се случуваше во Македонија изминатата година?

Овие кои сега се власт и кои се наредија “меѓу првите“ во периметарот на новата Американска администрација, кои ја следеа инаугурацијата на претседателот Трамп таму на некој стадион заедно со навивачки групи, никако да ги научат лекциите кои секојдневно им ги приредува меѓународната политика. Па така многу брзо се уверија како поминаа и другите од Балканот кои исто така меѓу првите влегоа во периметарот на Трамп. Видовме како помина претседателот на Р.Српска, прв доби честитка од новата американска администрација за изрекувањето на затворската казна, видовме и како помина претседателот на Р. Србија во Флорида, но ние некако имавме среќа само со 33% царина да поминеме затоа што бевме меѓу “најпрвите“ во периметарот на претседателот Трамп.

Меѓународна политика не се води така. Постојат правила и законитости, едноставно тоа е наука не е заебанција, но овде не ми е намерата сега повторно да објаснуваме работи за кои се напишани страници и страници, ама кој да разбере?? Оваа“ Монти пајтон“ наша дипломатија сигурно нема ништо да разбере. Ова секако не се однесува на нашите професионалци во дипломатијата туку генерално на моменталниот правец во рамките на кој ја водиме надворешната политика.

Почитувани, ме загрижува тоа што оваа Влада веќе почнува да покажува сериозни авторитарни амбиции. Кога една владејачка гарнитура ќе почне да покажува желба да контролира се во општеството, да го освојува секој простор, кога ќе почне да зборува постојано колку се тие патриоти а другите предавници, кога ќе Ви кажуваат како сме ние “слободарски народ“ на кој никој не може ништо да му каже, тогаш треба да знаете со кого имате работа. Така барeм пишува во учебниците.

Почнаа брутална партизација на институциите на секое ниво, од најниско до највисоко ниво. Па дури и член од највисокото раководство на партијата си го избраа за гувернер на Народна Банка со аргументот дека и Петар Гошев пред “100 години“ бил партиски гувернер. Алоо, ама сега сме 2025 година, друго беше ветувањето на изборите. Кадровската политика што ја спроведуваат, е “средно-жалосна“. Но ова ќе Ви го кажат и самите членови на партијата, не морам јас. Абе секој/а “кувар/ка“ сакаат политичар да ја направат. Каде води ова? Тоа е основна карактеристика на авторитарни водачи и влади, селекција на многу слаби кадри.

Се испраќа многу лоша порака кон младите за тоа какви критериуми треба да исполнуваат за да бидат носители на јавна функција, едноставно никакви критериуми. Но тука има еден друг парадокс! Имено, премиерот а воедно и претседател на партијата е човек кој по редовен пат го стекнал своето образование и секако заслужено станал универзитетски професор на УКИМ и тоа никој не го оспорува. Тој воедно е и до сега најобразованиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ. Но не можам да разберам како може да толерира и да води ваква кадровска политика, да селектира луѓе со сомнителни дипломи, лажни сертификати, луѓе со недооформено образование, и едноставно ако им ги разгледате биографиите на оние околу него ќе видите дека претежно се стекнале со еден куп дипломи од оној Универзитет каде што се завршува три факултети за две години, значи све се тоа “силни експерти“! Ова за жал се сериозни индиции за една авторитарна политика која секогаш владее во стилот “ми се може“ или она “ќе се бориме со криминалот и корупцијата ама нашите не ги даваме“. Ама така нема робусна борба, има само една смешна гримаса и ништо повеќе.

Се освојува исто така и медиумскиот простор. Жално е тоа што некои големи национални медиуми веќе онака скришум флертуваат со оваа политика на штета на објективното новинарство. Имате ситуација денес кога силни “бардови“ во македонското новинарство, суетни или помалку суетни, во пензионерски денови стануваат на доброволна основа апологети на оваа политика и “лупетаат“ по медиуми штогоде. Жално е сето тоа да се гледа. Денес во Македонија Државната антикорупциска комисија не постои, таа е згазена. Претседателката на самата комисија фатена во голем скандал, веќе со сериозно обвинение се уште не си дава оставка, замислете каде живееме. Државниот Јавен обвинител како некоја исплашена тетка за да не го сменат седи таму, молчи и испорачува тоа што ќе му кажат. Па сетете се само на аргументот на обвинителството околу сертификатот на директорот на АНБ, тоа беше скандалозно. Навистина, дали некој овде сериозно е убеден дека Македонците се најглупав народ на Балканот. Што се однесува до областите каде што порано ВМРО беа најсилни, тоа се економските политики, но за жал и овде нема никаков резултат. Гледаме незадоволни граѓани, раст на цените и трговци кои никој не ги контролира, граѓани оставени сами на себе, се штити крупниот капитал и олигарсите додека обичниот народ е фрлен на улица и заборавен, стагнација на растот на платите, обид да се направи раздор и да се контролираат и анатемираат синдикатите на секој начин, едноставно школски пример за авторитарно владеење. И секако она веќе видено од кај нашиот северен сосед, лицитација со тоа дека сме “четврта економија во европа“, “петта во светот“, “прва во регионот“, веќе народот и мајтап прави, но каде не води сето ова??

 

Но што исполнија за оваа година од ветувањата??

Добро, ги тргнаа ДУИ од владата и земаа два кредита, еден од Унгарија друг од Британија. Всушност земаа еден кредит а другиот ќе биде сукцесивно, понатаму. Но овој вториот кредит го договорија со нивниот “историски“ и “многувековен“ непријател, Кралството Велика Британија. Интересно е тоа што никогаш не ми беше јасно зошто вмровците секогаш ги сметаа Британците за непријатели, никогаш не ми беше јасно, ама сега ако даваат пари добри се, најголеми пријатели ни станаа, така е тоа во политиката почитувани.

Што се однесува до првото исполнето ветување, да се тргне ДУИ од владата, го исполнија во целост. Всушност народот на минатите избори го даде својот глас за “дедуизација“ и “деалбанизација“ на државата. Ова е сепак аргумент и ветување на ВМРО-ДПМНЕ со кој ќе мафта пред граѓаните дека го исполнил. Македонскиот народ за жал се уште егзалтиран од овие “успеси“ ја дава својата поддршка на оваа политика притоа не размислувајќи каде води ова на подолг рок. Никаде, едноставно води во амбис. Овој “меден месец“ кој ќе заврши некаде по локалните избори ќе донесе големо отрезнување на политичката сцена. Рејтингот на ДУИ им го зголемија неколкукратно а ВРЕДИ веќе не се никаков фактор кај Албанците. Тоа ќе се покаже на следните избори. По локалните избори ДУИ уште посилно ќе тропа на вратите на Владата, ВЛЕН ќе почне полека да ја напушта владината коалицијата соочени со својот пад и ќе имаме една мачна ситуација. ВМРО-ДПМНЕ сега многу тешко ќе коалицира со ДУИ, а доколку го направи тоа под притисок на јавноста и членството тоа ќе биде со краток рок. Тоа се вика нова политичка криза на повидок.

Во една ваква мачна ситуација, со запрени евроинтеграции и со нова политичка криза само господ да ни е на помош. Ете затоа некој проценил дека Македонија е тажна приказна. Но политика не се води носена на крилјата на популизмот и мерење на секојдневниот рејтинг, туку мора некој да разбере дека треба да се носат и тешки одлуки. Ваква опседнатост само со политичкиот рејтинг не сум видел до сега, чуму Ви е рејтингот ако ја водите државата во погрешен правец.

П.С. Тука секогаш се присетувам на мојата прва средба со еден наш политичар од старата гарда, “прв ешалон“, кој веќе не е меѓу нас. Тоа беше 2005 година. Веќе се навестуваше тоа дека ќе добиеме кандидатски статус за влез во ЕУ, некако бевме успешна приказна во тој период. Па ми вели тој дека никогаш немаше да дојдеме до тука ако слушавме што сака мнозинството од народот, едноставно ми вели немаше да имаме држава ако не носевме тешки одлуки наспрам вољата на народот. Ова го запамтив добро. Но многумина кои се занимаваат со политика денес за жал воопшто не го разбираат ова и продолжуваат да возат накај амбисот.

Во тој период исто така македонскиот премиер и претседател имаа средби во овалната соба со претседателот на САД, очи во очи, а не како сега овие, на стадион со симпатизерите на претседателот Трамп, тоа беше сериозна политика, ова сега не.

 

 

Back to top button
Close