Патриотизмот не се мери според раѓањето деца
Северна Македонија барем според едно нешто е рамо до рамо со развиените држави. Тоа е падот на наталитетот, или како што во последно време се нарекува – пад на фертилитетот. Овој феномен не ја одмина нашата мала земја од повеќе причини, но меѓу главните се лошата економска состојба и стеснетите семејни буџети кои го прават раѓањето деца луксуз. Од друга страна, и многу богати држави, иако на своите граѓани им пружаат секакви погодности за удобен живот и проширување на семејствата, се соочуваат со тој проблем. Дури и поизразено. Но таму (не)раѓањето деца премина во културна норма, а поради глобалните движења и кај нас стана чудно некое семејство да има повеќе од две деца.
Премиерот Мицкоски драматично повика дека формирањето семејство и формирањето многудетно семејство е највисок патриотски чин на еден народ за сопствената татковина. Но за жал, тоа најмалку има врска со патриотизмот, иако звучи добро како политичка порака.
Податоците на Светска банка од 2023 покажуваат дека во Северна Македонија стапката изнесува 1,50 раѓања по жена. Премиерот рече дека во 1950-тата имало над 50.000 новородени бебиња, а во 2024 година има само околу 16.000. Според Мицкоски овој пад има две главни причини – првата е иселувањето на младите луѓе и втората е намалениот наталитет и фертилитет. Владата, вели тој, е свесна за сериозноста на ова прашање и веќе работи на неколку линии. „Создадовме највисок економски раст на Балканот- тоа значи нови работни места, поголеми плати и поголеми можности за младите. Инвестираме во иднината на семејствата: шест бесплатни обиди за ин витро оплодување, со забрзана процедура, сето тоа на товар на Фондот, зголемивме од три на шест“, посочи Мицкоски.
Нерешлив проблем
Меѓутоа, водечкиот економист на Светска банка, Мајкл Локшин, во својата неодамнешна анализа посветена на тоа прашање вели дека падот на фертилитетот е важна тема, но нема лесен одговор како да се намали или спречи. За да ги мотивираат семејствата да имаат повеќе деца, владите даваат големи месечни додатоци, намалуваат даноци, даваат субвенции за одгледување на деца, го зголемуваат породилното отсуство, финансиски партиципираат во третмани против неплодност, даваат породилно отсуство на татковци, но тие политики се покажале како неефективни.
Како потврда на неговите наоди, економистот наведува дека Финска, на пример, која има силен социјален систем, се соочила со пад на стапката на фертилитет од 1,26 деца по жена. Јужна Кореја, пак, која одвојува 1,5 отсто од БДП за стимулативни мерки, во 2023 имала фертилитет од 0,72 деца по жена. Трендовите се неповолни и во Германија, Чешка, Полска, Италија, Франција, Велика Британија и.т.н.
Наспроти повиците на владите да се зголеми наталитетот, во светот веќе се појавуваат и движења против раѓање деца, кои станаа популарни во САД, Европа, Кина, Бразил. Во Јапонија 52 отсто од младите се изјасниле дека немаат и не сакаат да имаат деца. Предвидувањата се дека таквите трендови во светот ќе водат кон ширење на каузата дека без деца се живее подобро, а согледувањата се дека ниту една земја чија стапка на фертилитет паднала под 1,5 не успеала да се дигне повторно.
Поранешниот пратеник Владимир Ѓорчев кого Владата го назначи за национален координатор за демографија, млади и човечки капитал, во јануари годинава изјави дека се размислува за владини стимулации во делот за решавање на станбеното прашање на повеќедетни семејства и други мерки за решавање на домувањето на младите. Тој откри податок и дека Македонија заедно со Украина се земјите кои стојат најлошо во Европа според забрзаното паѓање на наталитетот. Тоа треба да нѐ загрижи затоа што Украина е земја во војна, а ние во мир ја имаме истата неповолна статистика.
И поранешниот премиер Љубчо Георгиевски во една прилика рече дека „Македонците тешко се носат со променетата демографија во земјата”. Тој тврди дека демографијата ја менува и демократијата. „Многу добро се сеќавам дека на првите локални избори во 1996 година, во Кичево, Струга или Чаир, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се бореа чиј да биде градоначалникот, а албанските гласови беа на едната или на другата страна, помагаа кој да победи. Денес имаме сосема обратна ситуација, албанските блокови исфрлаат кандидати, а ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се тука за да помогнат на едните и на другите кој ќе биде градоначалник“, рече тој во интервју.
Партизацијата против младите
Сепак, нашата држава има и неколку специфики кои влијаат врз младите да не партиципираат во овдешниот општествен живот. Тоа е партизацијата на секоја пора од структурата на државата што ги елиминира почетните шанси на младите за финансиско осамостојување. За Владата да покаже дека младите ѝ се важни, за почеток може да го тргне партискиот услов при вработувањата и при другите мерки за младите. Иако го негира неговото постоење, има илјадници сведоштва дека за добивање добро платено работно место е клучна партиската припадност. Без исфрлање на тој товар од плеќите на младите, драмата околу падот на наталитетот е попуста. Слично е и со кариерното напредување кое овозможува подобро платени работни позиции и повеќе бенефиции.
Економските аналитичари во светот предупредуваат дека кога старее едно општество, семејствата со деца престануваат да бидат општествена и социјална норма. Помалку деца значат помалку градинки, помали домови, помали ресторани, помал јавен простор и сѐ помалку места каде децата се добредојдени. Тоа драстично ќе ги смени државите, на полошо. Добро е што премиерот го потенцира овој проблем, но ќе биде уште подобро да се видат мерки и решенија, иако светските трендови се неумоливи, како за другите држави, така и за Македонија.(dw)