Пазарниот инспекторат ќе пријави ноќен клуб од Струмица заради непочитување на прописите, менаџменот вели дека работат како кафе бар

 Директорот на Државниот пазарен инспекторат, Стојко Пауновски за МИА изјави дека  по петочната контрола на Клубот „Аватар“ во Струмица утре ќе биде поднесена кривична пријава до јавното обвинителство заради непочитување на здравствени прописи за време на епидемијата на ковид-19.

-Инспекторите беа таму во петокот навечер, подготвен е записник и ќе биде поднесена кривична пријава заради тоа што ниту еден ноќен клуб во моментот не смее да работи, информираше директорот на Државниот пазарен инспекторат, Стојко Пауновски.

Од менаџментот на „Аватар“ велат дека работат како кафе бар и на отворено и дека се придржувале до сите протоколи и прописи.

-Сакаме да ги демантираме информациите во кои се вели дека сме ноќен клуб. Не се работи за ноќен клуб туку за кафе бар. Објектот е на отворено и работи согласно сите законски прописи. Масите се на соодветно растојание, на сите има средства за дезинфекција, вработените постојано носат  заштитните маски.  Ние немаме надлежност да бараме гостите да носат лична заштита, тие самите одговараат за себе. Работиме на исти начин како и сите други угостителски објекти во градот. Не сме единствените, скоро во секој втор локал во градот, кој е за неколку пати помал од нашиот, има слични забави, но за тоа никој не реагира и не споделува фотографии и видеа по социјалните мрежи. Никој не реагира ниту за мешаниците што се прават на јавните површини каде треба да биде простор за движење граѓаните има поставено маси, а потребното растојание воопшто го нема, изјавија од „Аватар“.

Инаку, освен во Струмица инспекторите чешлале и други објекти во неколку други градови во државата.

Back to top button
Close