Пчеларите од Делчево ја подготвуваат третата Пчеларска вечер
Пчеларите од Пијанец се подготвуваат за одбележувањето на денот посветен на заштитникот на пчеларите – Св. Харалампиј.
Како што информираше Јованчо Медарски, претседател на здружението „Пијанечка пчела 2″, настанот ќе се организира трета година по ред, со цел размена на предлози и идеи за популаризација на пијанечкиот мед, меѓу кои и претставување на иницијативата за организирање Денови на пијанечкиот мед.

-Се работи за манифестација која би сакале да се вклопи во општинските програми, затоа што медот е производ кој треба што повеќе да се користи и како храна и како лек. Планот е прво да започнеме со образованието, значи да почнеме преку едукација да го промовираме пијанечкиот мед. Во иднина ќе имаме и дополнителни активности, за што јавноста дополнително ќе биде известена, изјави Медарски.Во рамки на Пчеларската вечер, додава тој, ќе се разговара и за новите предизвици во пчеларството.
-Со одминувањето на зимата отпочнува сезоната на работа кај пчелите, каде што присуството на пчеларите ќе биде потребно од повеќе причини. Нов паразит се појавува на југот на Русија и во Грузија и е блиску до границите со Романија и Бугарија. Во тој поглед во иднина ќе ни треба поголем ангажман и користење на стручното мислење на наши колеги од земјоделски факултет од областа на пчеларството, посочи Медарски.
Пчеларската вечер на Св.Харалампиј во Делчево ќе се одржи третпат, а од здружението „Пијанечка пчела 2″ очекуваат настанот да прерасне во традиција.