Мицкоски во Њујорк се сретнал со државниот секретар на Соединетите Американски Држави, Марко Рубио

Премиерот Христијан Мицкоски во Њујорк разговарал со државниот секретар на Соединетите Американски Држави, Марко Рубио, при што, како што соопшти, биле разменети ставови за прашања од заеднички интерес.

Мицкоски оцени дека разговорот има значење за стратешкото партнерство меѓу Македонија и САД и за продолжување на политичкиот дијалог на високо ниво.

Според него, директната комуникација со американските претставници претставува можност за продлабочување на билатералните односи и за натамошно зајакнување на позицијата на Македонија како стабилен и доверлив сојузник.

Мицкоски посочи дека во услови на сериозни геополитички предизвици, силните партнерства и отворениот дијалог со стратешките сојузници добиваат дополнително значење.

„Македонија има јасни државни интереси и продолжува достоинствено и принципиелно да ги застапува заедно со нашите стратешки партнери“, наведе Мицкоски.

Тој додаде дека Владата ќе продолжи да го јакне македонско-американското стратешко партнерство и да создава нови можности за соработка.

Back to top button
Close