Пецас: Карантинот во Грција продолжен до 7 декември

– Постоечките рестриктивни мерки за заштита од коронавирусот се продолжуваат до понеделник 7 декември во шест часот наутро, соопшти портпаролот на грчката Влада Стелиос Пецас на денешниот редовен брифинг со новинарите, јави дописничката на МИА од Атина.

Според тоа, карантинот во Грција, наместо на 30 ноември, ќе заврши една седмица подоцна, а Пецас објасни дека оваа одлука на Владата се наметнува поради епидемиолошката слика во земјата.

– Постојат некои први знаци за намалување на бројот на случаите. Доколку продолжи ова темпо, тогаш притисокот врз националниот здравствен систем ќе почне да се намалува. Тогаш, ќе можеме да планираме постепено враќање во некаква нормалност. Засега, постоечките рестриктивни мерки за заштита од коронавирусот се продолжуваат до понеделник 7 декември во шест часот наутро, рече Пецас.

Во однос на постепеното излегување од карантинот, објасни дека во текот на следната седмица ќе излезат со соопштенија за владиниот план, што ќе биде согласно со епидемиолошките податоци и истакна дека во овој момент она што е приоритет е почитувањето на превентивните мерки

– Владата , со помош на експертите одблиску ги следи случувањата и следните чекори во заедничките напори ќе ги соопшти кога ќе има повеќе податоци за текот на пандемијата. Целта останува една: Грците, да останат здрави и прави до вакцината и од пролет 2021 година, одново да се отвори нова ера за нашата земја, истакна портпаролот на грчката Влада.

Пецас рече дека постои загриженост за одредени делови од земјата, како што се Солун, Серес, Лариса, регионите Магнисиа, Етолоакарнаниа, Ахаиа и островот Лезбос, поради епидемиолошката слика и големиот број случаи во однос на бројот на жители.

Back to top button
Close