„Печат очите, пече грлото од пожарот, ама најмногу пече душата…“ – Трогателно сведоштво за штетата на едно семејство од пожарот во Раштак

Утрово Емилија Мицкоски сподели трогателен статус за тоа што се изгубиле во пожарот кој го зафати селото Раштак.

За фотографиите кои таа ги сподели во објавата вели дека тоа е лично нивна семејна штета од катастрофалниот пожар во неделата во Раштак. Објавата била на нејзиниот сопруг, кој не користи Фејсбук, затоа што, како што вели, нема време кога се занимавате со земјоделие.

Емилија вели дека пожарот предизвика огромни индиректни лични потешко мерливи штети: Неизбришлива траума на деца кои во паника ги собираа највредните лични работи од куќата, 10тина сати директно дишење отровен чад, Психолошки и здравствени последици од исчезнувањето пред очи на се што 12тина години сме го создавале, како и Месеци на неизвесност и органска земја (на која трошка хемија не е искористена над една декадa), сега претворена во згариште.

Од директни лични мерливи штети таа вели дека изгубиле:„Амбар, сточна храна, придружни земјоделски објекти, електрични огради за живина, струјни/водоводни и инсталации за надзор, живина, млад овоштарник, градинарски производи во тек, мал пасивен соларен стакленик, домашни фотоволатаици, современ градинарски и домашен алат, разновиден инвентар…“.

Од директни заеднички видливи мерливи штети зафатени биле десетици хектари изгорени ниви, дрва и полиња, изгорени биле струјни инсталации, воздух за кој вели дека го имале најчистиот, сега доста време ќе биде токсичен, дивеч кој во паника бегаше без контрола…

„Има многу, клучна – Исчезнување на желбата да се ревитализира селото, а со тоа и државата. Зашто ако за неколку сати можат да се уништат декади труд и вложувања поради неодговорност и неорганизација, зашто некој би се трудел и вложувал? (не бегаат децата и возрасните од што нема пари и работа во државава). Најтешко од се, секојдневната болка кога наместо зеленило, птици и иднина, ќе гледате згариште и безперспективност…“, вели Емилија за индиректната заедничка потешко мерлива штета.

„Некој реши да пали стрниште на ден пладне во лето. Се наоѓаме на 15км од центарот на главниот град, и немаме (редовно) водоснабдување, немаме појаси за заштита од пожар, земјиштето не се обработува“, издвои таа како клучни причини.

 

За крај, таа во нејзината објава искажа огромна и бескрајна благодарност до храбрите пожарникари, за кои вели дека спасиле да не исчезне се, можеби и животи. Исто така и на пилотите кои со специјалните летала во 2-3 наврати исфрлале течност. Некои исфрлања биле и точно пред нивните куќи – едниот од нив особено прецизно, во низок лет. Вели дека биле подоцна активирани, ама успеале да спасат во критични моменти. Меѓудрогто се заблагодари и на многуте добри луѓе, соселани, комшии и непознати кои помогнале и на екипите на ЕВН кои после повеќе од 24 сати им ја вратиле струјата.

„Тешко ми е да изустам, но ние сепак имавме среќа и волја на Севишниот кому сме му благодарни да не изгубиме животи, не беше далеку…Печат очите, пече грлото од пожарот, ама најмногу пече душата…П.С. Кој е заинтересиран да прочита, ќе објавиме и линк со подолга верзија со повеќе детали за погорното“, порача Емилија

Back to top button
Close