Печат: Вучиќ се плаши од избори – ќе има уште апсења
Германските медиуми во понеделник (30 јуни) детално ги коментираат протестите во Србија – особено големиот на Видовден.Спонтаните блокади на улици ноќта меѓу недела и понеделник (29/30 јуни) се случија откако весниците веќе беа испратени да се печатат.

Таблоидот Билд во свој стил објавува наслов: „Како на работ на граѓанска војна“. Подолу во текстот за протестите пишува: „Солзавец, шок-бомби, апсења, повредени – а претседателот игра шах“, алудирајќи на демонстративната објава на Александар Вучиќ на Инстаграм за време на протестите на Видовден.
Се потенцира дека Вучиќ категорично го одбил барањето за нови избори што го поставиле студентите.
Но, зошто? Франкфуртер алгемајне цајтунг потсетува дека Вучиќ претходно со задоволство организирал вонредни избори за да ја продолжи својата власт. „Тоа што Вучиќ сега очигледно не очекува такви победи и стравува од нови избори може да се оцени како делумен успех на протестното движење, чии двигатели се студентите“, пишува весникот.
„Претседателот очигледно се надева дека енергијата на протестите ќе спласне до редовниот термин за избори“, наведува весникот. „Вучиќ сè уште може да се надева дека дотогаш ќе се завојуваат националистичките и либерално ориентираните противници на неговото владеење“.
Залудна надеж на претседателот
Слични прашања разгледува и Ноје цирхер цајтунг, кој тврдењата на претседателот дека протестите се водени од странство и дека се подготвува „државен удар“ ги нарекува „бесмислици“.
„Делува залудна надежта на претседателот дека протестите од неколку месеци ќе згаснат“, пишува весникот и оценува дека стотици илјади граѓани на улиците покажуваат во колкава немилост паднала Српската напредна партија. Затоа Вучиќ и не сака избори“, пишува циришкиот весник.
„Иако ги контролира најважните медиуми, во изборниот процес го вклучува државниот апарат и го потчинува судството, Вучиќ повеќе не е сосема сигурен во уште една победа на неговата партија“, оценува швајцарскиот дневен весник. „Тоа е голем успех на студентите“.
Насилството на улиците весникот го нарекува „умерено“ засега, но предупредува дека тоа може да ја смени динамиката на протестите.
„Државните медиуми уште пожестоко ќе полемизираат и ќе ги оцрнуваат студентите како терористи и предавници. Сега и полициската репресија изгледа подобро оправдана. Ќе се зголемат апсењата на активисти под изговор дека го рушат државниот поредок – апсења што имаат цел да застрашат“, прогнозира Ноје цирхер цајтунг.
Понатаму се разгледува „опасноста од поделби“ во протестното движење, при што се наведува дека „националистичкиот тон“ сега излегува во преден план – повици за „враќање на Косово“ и „портрети на владиката Николај Велимировиќ“.
„Тоа би можело да доведе до тензии со прогресивниот дел од општеството кој сака држава каде сите граѓани се третирани еднакво, без разлика на етничката и верската припадност“.
Понатаму, пишува циришкиот весник, по седум месеци блокади на универзитетите се појавуваат професори и студенти кои сакаат да се вратат во редовните текови.
„Студентското движење има пред себе тешки одлуки кога станува збор за профилот и стратегијата на протестите. Тие одлуки може да потраат, бидејќи движењето е строго организирано според принципот на директна демократија. Тоа го прави дијаметрално различно од нивниот противник – Александар Вучиќ“, заклучува весникот.(dw)