Печатот под притисок: Aмериканското скратување средства за Радио Слободна Европа ја отсликува борбата на европските медиуми
На медиумскиот плурализам му беше нанесен тежок удар кога Соединетите Американски Држави им ги скратија средствата на неколку глобални медиуми што важат за бастиони против пропагандата.
Меѓу нив е и Радио Слободна Европа, кое се смета за бедем против дезинформациите и манипулациите во Европа уште откако беше основано за време на Студената војна за ѝ да се спротивстави на советската пропаганда.
Финансиската криза ја предизвика указот на претседателот Доналд Трамп со кој нареди значително кратење на буџетот на Американската агенција за глобални медиуми, која ги надзира сите странски медиуми финансирани од американската влада коишто не се под контрола на војската.
Белата куќа соопшти дека кратењето ќе придонесе за „даночните обврзници да не плаќаат веќе за радикална пропаганда“, што означи драматичен пресврт во односот кон медиумите основани за да го прошират американското влијание во странство.
Покрај РСЕ, ненадејните скратувања на Трамп ги погодија и странските медиуми Гласот на Америка и Радио Слободна Азија.
Здружението активисти Репортери без граници ја осуди одлуката, велејќи дека „ја загрозува слободата на печатот низ светот и ја обезвреднува 80-годишната американска историја на поддржување слободен проток на информации“.
РСЕ поднесе тужба против Американската агенција за глобални медиуми врз основа на тврдењето дека задршката на нивните средства е незаконска бидејќи парите им биле јасно доделени од страна на Конгресот на САД. Радио-мрежата ја обвини својата матична агенција за кршење на Уставот на САД и побара судска одлука за блокирање на замрзнувањето на средствата.
Радио Слободна Европа е основано во 1950 за време на Студената војна за да емитува програма за комунистичкиот блок. Четири децении потоа, станицата придонесе кон падот на тоталитарните режими во Централна и Источна Европа преку слободното интервјуирање на дисидентите, како и на критичарите на авторитарните просоветски власти.
Првично со седиште во Минхен, радиото се пресели во Прага во 1995. Денес, сè уште емитува програма на 27 јазици во 23 земји, многу од кои сериозно ја ограничуваат слободата на медиумите. Има мрежа од околу 1.700 новинари, и постојано вработени и хонорарни соработници, и речиси 50 милиони слушатели неделно.
Медиумот веќе подолго време на руските власти им е трн во око. Во февруари 2024, Москва ја означи РСЕ како „непожелна организација“.
Подарок за непријателите на Европа
Како реакција на одлуката на САД, чешкиот министер за надворешни работи Јан Липавски објави на платформата Х дека „од Белорусија до Иран, од Русија до Авганистан, Радио Слободна Европа и Гласот на Америка остануваат меѓу ретките слободни извори на информации за тие што живеат под јарем“.
„Во наш интерес е да немаме тоталитарни режими што цутат околу нас“, рече тој.
Липавски активно бара поддршка од Европската Унија за да спречи станицата да згасне. За судбината на радиото се разговараше и во понеделникот за време на Советот на министри за надворешни работи на 27-те земји членки на ЕУ.
Рече дека вкупниот буџет потребен за РСЕ е „достижна сума за Европа како целина“, додавајќи дека „за Чешка, тој е над нашите можности“.
Според Американската агенција за глобални медиуми, годишниот буџет е околу 142 милиони долари (131 милион евра) годишно.
ЕУ во понеделникот ги предупреди САД на ризикот дека прекинот на програмата на медиумите што ги финансира, меѓу кои и Радио Слободна Европа, може „да им оди во прилог на нашите заеднички противници“.
Високата претставничка на ЕУ за надворешни работи Каја Калас рече дека жали за кратењата, но ЕУ не може туку така да ја пополни дупката што ја оставил Вашингтон.
Како Естонка, шефицата на дипломатијата на ЕУ рече дека Радио Слободна Европа, потекнувајќи од земја од другата страна на Железната завеса, била станицата преку која добиле „многу информации за што всушност се случува“.
Удар за слободата на медиумите во Европа
Не е само Радио Слободна Европа што се бори да преживее. Медиумите низ цела Европа се во теснец – не само во однос на финансирањето, туку под закана им е и независноста, од причина што расте концентрацијата на сопственоста и влијанието на владата, како и непријателските услови за работа за новинарите.
Годишниот извештај за владеењето на правото во ЕУ, објавен годинава од Унијата за граѓански слободи за Европа, откри дека продолжуваат заканите по слободата на медиумите низ ЕУ. Многу влади го задржале директното влијание врз изборот на раководството на националните регулаторни тела, подривајќи им ја независноста и непристрасноста, се вели во извештајот.
Според извештајот, континуирани закани по независноста на националните регулаторни тела за медиуми се забележани во Хрватска, Унгарија, Грција, Словенија, Шпанија, Бугарија и Малта.
Тековната политичка нестабилност во Бугарија, поради немањето редовна влада и функционален парламент, оневозможи да се направат какви било суштински регулаторни промени, воедно и на медиумскиот пазар.
Во својот извештај за владеењето на правото во 2024, Европската комисија ѝ препорача на Бугарија да ја подобри транспарентноста во распределбата на државното рекламирањњ, особено во однос на посредничките договори.
За Италија, во извештајот се предупредува дека владата мора да гарантира независно и соодветно финансирање на националниот јавен сервис RAI. Се истакнува и дека новинарите продолжуваат да се соочуваат со многу предизвици при вршењето на својата работа и владата се повикува да продолжи со реформите на законодавните прописи за клевета.
Во својот Извештај за проширувањето за 2024, Европската комисија препорача Северна Македонија, како земја што не е членка на ЕУ, да воведе правила за целосна транспарентност во врска со медиумската сопственост и рекламирање, како и навремено да реагира на секоја закана и чин на насилство врз новинарите.
Во Словенија, медиумите не се приспособија доволно брзо на новите кориснички навики и технолошки промени. Сопственоста на медиумите во голема мера е концентрирана и на ваквиот несигурен пазар, новинарите често добиваат откази.
Во Франција, околу 500 новинари имаат потпишано клаузули за доверливост со кои им се наметнува молк кога ги напуштаат медиумите купени од конзервативниот француски милијардер Винсент Болоре, во еден извештај соопштија Репортери без граници.
Според Репортери без граници, ваквите клаузули почнале да се применуваат во 2016, откако Болоре ја презел контролата врз групата Канал+ и нејзиниот информативен канал Ителе (сегашен Си-њуз), потоа на радиото Јуроп 1, списанието Пари мач (кое подоцна го продаде) и Журнал ди диманш.
Важен чекор што го направи Шпанија беше што донесе закон со цел да создаде медиумски регистар за идентификување на сопствениците на медиумите и рекламирањето што го добиваат. Ветува дека ќе ја зголеми институционалната транспарентност и е посветена на борбата против дезинформациите преку законски реформи.
Според извори од Министерството за дигитална трансформација и јавна служба, од медиумите ќе се бара да ја регистрираат својата сопственичка структура и јавните средства (домашни и странски) што ги добиваат во форма на рекламирање.
Судбината на РСЕ и другите медиуми виси на конец, а медиумската публика во Европа и во светот е сѐ поизложена на дезинформации. Сеопфатните статистички податоци се ретки, но според едно истражување од 2022, над 70 отсто од граѓаните на ЕУ рекле дека редовно наидуваат на лажни вести.
Додека ЕУ расправа дали да се вклучи во спасувањето на РСЕ, останува покрупното прашање: Може ли Европа да го заштити независното новинарство во ера на растечко авторитарно влијание и економска неизвесност?