ПЕЕСЧЕ ЗА СРЕЌА
Под 50 илјади евра ич не станувам од кревет
Директорот на Државниот инспекторат за земјоделство Васе Анакиев, инаку потпретседател на Социјалистичката партија која е дел од владината коалиција, е уапсен поради сомневање за примање мито во износ од 50.000 евра. Толку малку барал оти е социјалист. Да беше капиталист којзнае колку ќе му требаше за среќа.
Поднесено е и обвинение против поранешниот државен правобранител Фехми Стафа, за примање мито од 50.000 евра за да фати врски кај судија во Апелациониoт суд кај кого се водел предмет за негов клиент како адвокат.
Во ноември минатата година беше уапсен директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој Илија Стоилев, оти беше осомничен дека примил мито од 50.000 евра за да фаворизира приватна компанија при распределбата на средства од програмата ИПАРД на Европската унија.
Значи, под 50.000 евра муабет не се прави. Пеесче е почетна тарифа за бизнис со луѓе што се поставени од партиите на владејачката коалиција. Тие што нив ги поставуваат којзнае колку бараат. Врти таксиметарот. Ко што би рекла една супермоделка, „под 50.000 евра ич не станувам од кревет“.
Министерот за земјоделие Цветан Трипуновски неодамна најави дека од идната година ќе стапи на сила Законот за земјоделство и рурален развој, по што Владата очекува да има голем одѕив кај младите за враќање на село.
Следниот пат кога премиерот Христијан Мицкоски ќе ги сретне нашинците во авион како се враќаат масовно дома, нека ги праша дали имаат тргнато на страна 50.000 евра. Да може да им тргне бизнисот.
Целата колумна на Горан Михајловски на сдк.мк






