Пеевски повика на обединување „за да се пресече антибугарската кампања“ на политичарите во С Македонија
Сите бугарски политичари и институции мора да се обединат за да ја пресечат антибугарската кампања на политичарите од Северна Македонија. Ова го изјави претседателот на бугарската партија Движење за права и слободи (ДПС), Делјан Пеевски по јавните настапи на македонскиот вицепремиер Александар Николоски што предизвикаа негодувања во Бугарија. ДПС беше второпласирана партија на јунските предвремени парламентарни избори во Бугарија, освојувајќи 47 места во 240-члениот бугарски парламент.
Ставот на Пеевски доаѓа како реакција по изјавите на вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски упатена кон бугарските власти во врска со непоставувањето на македонското знаме на средбата на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова со бугарскиот претседател Румен Радев.
Според Пеевски, постојаните навредливи изјави за Бугарија и Бугарите од страна на политичките лидери од Северна Македонија уште еднаш покажуваат дека бугарската страна сè уште ги нема преземено неопходните решителни дејствија „за да се запре овој бран на понижување и навреда кон нашата држава“.
„Ако сакаме да ја исполниме одговорноста што ни ја доверија бугарските граѓани, сите политичари и институции мора да се обединат за да ја заштитат нашата национална чест и достоинство, без разлика на нашите политички определби и предрасуди“,вели Пеевски, пренесува епицентар.бг.
Пеевски смета дека треба да инсистираат на итни и соодветни акции од бугарските институции, главно од Министерството за надворешни работи, за како што вели, одговор на демонстративната антибугарска кампања што ја водат политичарите во Северна Македонија.
„Овие активности мора да вклучуваат и привлекување на вниманието на европските институции, бидејќи проширувањето на Европа е стратешка цел која не треба да биде поткопана од можноста структурите да навлезат во европското семејство кои претходно не ги прифаќаат политиките на добрососедство, толеранција и единство и се канали на опасно руско влијание во заедницата“,додава тој.
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во гостување на ТВ Алфа, зборувајќи за отсуството на македонското знаме на заедничката фотографија на Сиљановска-Давкова и Радев рече дека очигледно домаќинот не е цивилизиран и дека помизерни од нив се само домашните слуги.
По ваква изјава на Николоски со реакции излегоа бугарските политички субјекти.
Лидерот на ГЕРБ, сестринската партија на ВМРО-ДПМНЕ, Бојко Борисов рече дека за ваквата изјава има само еден еден одговор, а тоа е извинување и побара оставка од вицепремиерот Николоски.
На барањето од Бојко Борисов, лидерот на ГЕРБ за негова оставка, Николоски порачува дека политичари обвинети за криминал и корупција не се достојни да го прават тоа.
Посочи дека му е жал што добрите односи меѓу двата блиски народа, како македонскиот и бугарскиот, ги уништуваат корумпирани политичари што не можат ништо да направат за сопствената држава, освен да внесуваат гнев и омраза.
Реакција денеска стигна и од бугарскиот европратеник Андреј Ковачев кој е од редовите на ГЕРБ, партијата која како и ВМРО-ДПМНЕ е дел од Европската народна партија (ЕПП). Ковачев рече дека ќе бара партијата да ја исклучи ВМРО-ДПМНЕ од „семејствота“ на партии од десниот центар во Европа.