„Пегава јагода“ и слободата на говорот

Не знаеме дали американската амбасадорка во Скопје е воодушевена од она што се случува во нејзината земја последниов месец, како што е воодушевена што премиерот Христијан Мицкоски по третпат откако стапи на должност (а по втор, од 20 јануари наваму) е во Вашингтон. Таа е дипломат кој треба да служи на интересите на нејзината држава, под администрација која и да е. И особено да ги негува врските меѓу нејзината администрација и онаа во земјата каде што службува.

Исто така, не знаеме ни што мисли за говорот на потпретседателот Џеј Ди Венс на Минхенската безбедносна конференција кога изврши целосен напад врз Европа. Во МАГА говорот во американски стил Венс рече дека најмногу бил загрижен за Европа не поради Русија или Кина, туку од „заканата одвнатре“. Според него, на европските влади „не им се допаѓа идејата дека некој со алтернативно гледиште може да изрази поинакво мислење“.

Венс зазеде апсолутистички поглед на слободата на говорот: „Длабоко верувам дека нема сигурност ако се плашите од гласовите, мислењата и совеста што го водат вашиот сопствен народ“. И во славните неколку сентенци поентираше: „Во Вашингтон има нов шериф во градот, и под раководство на Доналд Трамп ние може да не се согласуваме со вашите ставови, но ќе се бориме да го одбраниме вашето право да ги понудите на јавниот плоштад, се согласувале или не се согласувале“.

Нема да правиме аналогии на овие прокламации на Џеј Ди Венс со некои ситуации во Македонија, туку ќе земеме само два примера од Америка од последниве десетина дена. Не знаеме дали Анџела Агелер е воодушевена од нив. А прашање е дали има и потреба да знаеме.

Тагата на Џулијан Мур

Во светот на Доналд Трамп, слободата на говор важи само за оние кои ја споделуваат неговата визија за американскиот мит – вклучително и во културата. Секој што не го следи неговото водство е замолчен. Прославената актерка, оскаровката Џулијан Мур, го дозна тоа пред неколку денови.

Минатата недела, таа на Инстаграм соопшти рече оти доживеала „голем шок“ откако дознала дека нејзината детска книга од 2007 година „Freckleface Strawberry“ (Пегава јагода) се нашла меѓу оние што беа забранети од администрацијата на Трамп додека е под „преглед на усогласеноста“ во училиштата управувани од Министерството за одбрана на САД.

Изненадената ѕвезда напиша дека нејзината книга е „полуавтобиографска приказна за 7-годишно девојче кое не ги сака своите пеги, но на крајот учи да живее со нив кога ќе сфати дека е поинаква, ‘исто како што се и сите други’“. Приказната се заснова на искуството од детството на Мур, која вели дека го имала прекарот Freckleface Strawberry поради сопствените пеги и препознатливата црвена коса.

„За мене беше голем шок кога дознав дека мојата прва книга ‘Пегава јагода’ е забранета од администрацијата на Трамп во училиштата со кои раководи Министерството за одбрана“, напиша таа и додаде: „Тоа е книга што ја напишав за моите деца и за другите деца за да ги потсетам дека сите ние се бориме, но дека сме обединети од нашата човечност и нашата заедница“.

Книгата на Мур е меѓу десетиците забранети најмалку една недела во училишните библиотеки управувани од Министерството за одбрана, бидејќи новата администрација има за цел да ја повлече заштитата за трансродовите луѓе и да ги прекине програмите за различност, правичност и вклучување во рамките на федералната влада. Со оваа одлука ќе бидат погодени околу 67.000 деца кои ги посетуваат 160-те училишта во седум американски држави и 11 земји под раководство на Пентагон.

Мур рече дека исклучувањето е особено длабоко, бидејќи таа се школувала во едно такво училиште во Германија и е горда ќерка на нејзиниот татко ветеран од Виетнам. Таа додаде: „Навистина сум тажна и никогаш не помислив дека ќе го видам ова во земја каде слободата на говор и изразување е уставно право“.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Julianne Moore (@juliannemoore)

Гневот врз Асошиетед прес

И Асошиетед прес, таа голема новинска агенција, разбра дека слободата на говорот и изразување е уставно право, но само онака како што го толкува новата администрација. Не беше причината тоа што Трамп беше критикуван оти се спореди себеси со Наполеон во „диктаторска“ објава на социјалните мрежи, повторувајќи го тврдењето на францускиот император дека „оној што ја спасува својата земја не прекршува никакви закони“. Тоа беше поврзано со сомнежите на неговите соработници дека судиите имаат право да носат одлуки за да го запрат агресивното запленување или демонтирање на федералните институции. Трамп го изложи својот став по партија голф во неговото одморалиште во Флорида. Цитатот, како што набрзо се откри, е верзија на фразата што му се припишува на Наполеон „Celui qui sauve sa patrie ne viole aucune loi“, преведена како: „Кој ја спасува својата земја не прекршува закон“.

Не беше ни истражувањето на Асошиетед прес дека администрацијата се соочува со најмалку 70 тужби низ целата земја кои опфаќаат дејствија од обидот за елиминација на државјанството со право на раѓање до замрзнување на федералните грантови и средства – и пристап до чувствителни компјутерски системи и податоци од неофицијални субјекти.

Она што Трамп и луѓето околу него не можеа да го прифатат како слобода на говорот е што Асошиетед прес продолжува да го користи името Мексикански Залив, наместо новиот прекрстен назив со извршна наредба на претседателот – „Американски Залив“.

Следеа казнени мерки. Новинарите на Асошиетед прес беа исфрлени од Овалната соба, од каде што известуваат најмалку 130 години. А им беше забранет пристапот на претседателскиот авион „Ер форс 1“. Македонските читатели треба да знаат дека секој американски претседател кога патува каде и да било, во САД или во странство, го придружува ротирачка група новинари, кои го сочинуваат танаканречениот „пул“, кој обезбедува информации за сите други медиуми. Оваа група е отприлика околу две дузини новинари. Претставниците на медиумите се таму и кога Трамп оди од Вашингтон до својата вила во Флорида Мар-е-Лаго. За време на летот, претседателот или неговите соработници често даваат изјави кои подоцна се пренесуваат. Таа практика трае со децении. Не сака да ја прекине ни Трамп.

Сега меѓу тие новинари нема место за претставник на Асошиетед прес. Белата куќа се обиде да го оправда казнениот потег со инсистирање дека тоа е поврзано со „законската промена на географското име“. АП истакна дека агенцијата ѝ служи на меѓународната публика во стотици земји, а не само на американските корисници, и иако ја препознала наредбата на Трамп, таа ќе продолжи да го нарекува водното тело со неговото глобално прифатено име. И дека Мексиканскиот Залив е име кое се користи четири векови.

Претседателот на Здружението на дописници на Белата куќа, Јуџин Даниелс, изјави дека „ниту еден медиум не е обврзан да се придржува до јазикот на администрацијата што ја покрива, а забраната на новинарите за таквите прекршоци има застрашувачки ефект врз слободите на печатот. Забранувањето на пристапот на новинарите поради нивните уреднички одлуки е дискриминација. Ова е кршење не само на Првиот амандман, туку и на извршната наредба на самиот претседател за слободата на говорот и ставање крај на федералната цензура“.

САД Доналд Трамп и претставници на медиумите пред Белата куќа во Вашингтон
Фотографија: picture-alliance/AP/E. Vucci

Широки импликации

Тоа прекршување носи широки импликации: како што нагласи извршната уредничка на АП, Џули Пејс, ограничувањето на покривањето на агенцијата во Белата куќа „сериозно го попречува пристапот на јавноста до независни вести“. И додека овој ќорсокак е апсурден во неговите детали, пораката до американските медиуми е јасна: пристапот е „привилегија“, како што рече портпаролката Ливит, а таа може да биде укината ако на администрацијата не ѝ се допаѓа она што се известува.

Голем број други медиуми надвор од АП, вклучувајќи ги Блумберг и „Њујорк тајмс“, рекоа дека ќе продолжат водениот басен да го нарекуваат Мексиканскиот Залив.

Во малку изненадувачки развој на ситуацијата, правото на Асошиетед прес за пристап на новинарите во Белата куќа (фоторепортерите се исклучени од забраната) и во претседателскиот авион и особено за слободата на говорот најде поддршка од 40 големи новинарски организации од целиот политички спектар. „Њујорк тајмс“, Си-Ен-Ен, „Вашингтон пост“, Ен-Би-Си, „Волстрит журнал“, конзервативните Фокс њуз и  „Њузкамс“ и уште три дузини оваа недела ѝ пишаа на Белата куќа барајќи од администрацијата на Трамп веднаш да ја укине забраната за Асошиетед прес.

Во писмото, кое беше координирано од Здружението на дописници на Белата куќа, се вели дека одлуката за забрана на Асошиетед прес била „ескалација на спорот што не му служи на претседателството или на јавноста“.

„Првиот амандман ѝ забранува на владата да има контрола врз тоа како новинските организации носат уреднички одлуки“, се вели во писмото. „Секој обид за казнување на новинарите за тие одлуки е сериозно прекршување на оваа уставна заштита“.

Дури и прилично конзервативниот „Њузмакс“, целосно наклонет кон Трамп, не може да најде оправдување за претседателот. „Можеме да ја разбереме фрустрацијата на претседателот Трамп, бидејќи медиумите честопати беа неправедни кон него, но ‘Њузмакс’ сè уште го поддржува правото на АП, како приватна организација, да го користи јазикот што сака да го користи во своето известување“, оцени медиумот во соопштението. „Се плашиме дека на идната администрација нема да ѝ се допадне нешто што ќе го пишува ‘Њузмакс’ и ќе се обиде да нѐ забрани“.

Нема што повеќе да се додаде на ова објаснување за слободата на говорот, со извонредни поенти и од оние кои се огнени поддржувачи на претседателот Доналд Трамп. Токму од тоа би требало да има некое одушевување овде, а не да се пишуваат егзалтирани панeгирици за трите патувања на премиерот во Вашингтон за осум месеци.

Љупчо Поповски

(DW)

Back to top button
Close