Пекарниците лани оствариле големи профити, „Диме“ направил најголема добивка

Според податоците што ги објави „Пари“, најголема добивка направил „Диме“ – 715 000 евра и таа е поголема за 315 000 евра во однос на 2021 година, кога профитот изнесувал околу 400 000 евра

Производителите на леб и печива во текот на минатата година направиле големи профити, покажуваат податоците што ги објави порталот „Пари“ повикувајќи се на Бизнис мрежа.мк. Според податоците, најголема добивка направил „Диме“ – 715 000 евра и таа е поголема за 315 000 евра во однос на 2021 година, кога профитот изнесувал околу 400 000 евра.

 

„Специјал“ е на второ место по добивки со заработка од 138 000 евра. И „Специјал“ лани направил поголема добивка отколку во 2021 година, кога имал профит од 64 000 евра.

 

На „Жито леб“ му се намалила добивката во однос на 2021 година, но сепак направил профит од 131 000 евра. На „Силбо“ добивката речиси му се преполовила, но тоа значи дека во плус во 2022 година бил 126 000 евра. Водечката компанија во овој бизнис, „Жито лукс“ и минатата година ја завршил во минус. Негативниот резултат на компанијата во 2022 година бил 134 000 евра, а во 2021 година бил 287 000 евра.

 

 

Дел од производителите на леб лани на 1 декември добија од Владата субвенции за електричната енергија, но на почетокот од годинава одбија да ја намалат цената на лебот. Тие тврдеа дека субвенционираната струја нема голем удел во конечната цена на производот. Бидејќи не ги намалија цените на своите производи, Владата на 1 март им ја укина субвенционираната струја, а на сила стапи владината мерка за замрзнување на цената на белиот и на полубелиот леб од 450 грама на 33 денари.

По ова, пекарите објавија бојкот и престанаа да дистрибуираат леб во продавниците и маркетите, нагласувајќи дека „пекарската индустрија е жртва на безумието и одлуките што се носат се на штета на пекарската индустрија“.

Откако Владата најави казни, тие ја спуштија топката и посочија дека правдата ќе ја бараат на суд.

 

Back to top button
Close