Пеколен топлотен бран во Македонија – се очекуваат температури до 45°
Македонија ја очекува нов екстремен топлотен бран кој ќе кулминира кон крајот на неделава, со температури што ќе достигнат дури до 45 степени Целзиусови.
Според седумдневната прогноза, од среда (23 јули) до недела (27 јули) земјата ќе биде под влијание на сув и исклучително топол воздух. Максималните дневни температури ќе се движат од 41°C до 45°C, со врв на жештината во петок, 25 јули. Времето ќе биде претежно сончево, без врнежи и со слаб ветер.
Првото освежување се очекува во понеделник (28 јули) кога се најавуваат локални врнежи и намалување на температурите на околу 35°C. До вторник (29 јули) дневната температура дополнително ќе опадне на 28°C, но времето ќе остане нестабилно со повремени дождови.
Метеоролозите апелираат на претпазливост, особено кај постарите лица и хронично болните. Се препорачува избегнување физичка активност во најтоплиот дел од денот, консумирање повеќе течности и престој во климатизирани простории.
Министерството за здравство и ЦУК веќе ги активираа мерките за заштита од топлотни бранови и повикаа граѓаните внимателно да го испланираат секојдневието во деновите што следуваат.