Пендаровски ќе му го врачи мандатот на Заев за нова влада напладне во вила Водно

Претседателот на државата Стево Пендаровски денеска треба да му го довери мандатот за составување нова влада на лидерот на СДСМ Зоран Заев.

Врачувањето е закажано за 12 часот напладне во вила Водно.

– Зоран Заев, во име на коалицијата ,,Можеме” која има освоено најголем број пратенички мандати во Собранието, го информираше претседателот Пендаровски за преговорите со повеќе партии за обезбедување на неопходното мнозинство во Собранието за избор на владата, соопшти вчера Кабинетот на Пендаровски.

Претходно, во текот на денот, СДСМ потврди дека „се во тек сериозни разговори за формирање стабилно парламентарно мнозинство и  владина коалиција со полн, четиригодишен, стабилен мандат“.

–Зоран Заев ќе биде мандатарот за состав на новата влада која ќе ја води државата напред во следните четири години. Граѓаните го одбраа концептот кој ја води земјата напред, концептот кој ги враќа парите назад кај граѓаните и со своето избирачко право потврдија дека сакаат да продолжат по тој пат, кон градење нова развојна економија која креира нови работни места и создава шанса за секој. Покажавме дека и во време на најголемата светска криза се грижиме за сите граѓани преку антикризни мерки со цел зачувување на работните места и одржување на бизнисите во живот, наместо ставање клуч на врата, наведе СДСМ.

Последната информација од ВМРО-ДПМНЕ околу преговорите за парламентарно мнозинство, што ја пренесе вчера партискиот портпарол Димче Арсовски откако Кабинетот на Пендаровски соопшти дека ќе му го довери мандатот на Заев, беше дека нема нови информации за разговорите за формирање влада.

– Да оставиме што ќе се случува и како ќе се развива текот на преговорите наредните денови, па ќе соопштиме дополнително, рече портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.

Според Уставот, по доделувањето на мандатот, мандатарот во рок од 20 дена на Собранието треба да му поднесе програма и да го предложи составот на Владата. Владата, на предлог на мандатарот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Back to top button
Close