Пендаровски и Радев утре заедно ќе одат во Рим со државниот авион на Бугарија
Претседателот Стево Пендаровски од утре ќе престојува во посета на Италијанската Република и Светата Столица по повод манифестацијата „Македонија во чест на Св. Кирил“.
Претседателот Пендаровски за Рим ќе отпатува утре попладне, со државниот авион на Република Бугарија, заедно со претседателот на Република Бугарија, Румен Радев, со кого претходно ќе остварат средба на Меѓународниот аеродром Скопје.
Предвидено е, по пристигнувањето во Рим, претседателот Пендаровски да оствари средба со претседателот на Италијанската Република, Серџо Матарела.
Во четврток, 27 мај 2021 година, претседателот Пендаровски, ќе има аудиенција кај Поглаварот на Римокатоличката црква, Неговата светост Папата Франциск, а ќе оствари средба и со државниот секретар на Светата Столица, кардиналот Пјетро Паролин.
Потоа, претседателот Пендаровски во базиликата „Сан Клементе“ ќе положи цвеќе на гробот на Свети Кирил.
Во попладневните часови, претседателот Пендаровски, заедно со претседателот на Република Бугарија, Румен Радев, ќе ја посети базиликата „Санта Марија Маџоре“ и заеднички ќе оддадат почит на делото на Светите браќа Кирил и Методиј.
Во состав на државно-црковната делегација, што ќе ја предводи претседателот Пендаровски, се министерот за надворешни работи, Бујар Османи, министерката за култура, Ирена Стефоска, директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Даријан Сотировски, Негово Високопреосвештенство, митрополит европски, г. Пимен, и отец Зоран Стојанов, парох во Радово и Декан на Деканатот на Св. Кирил и Методиј при Струмичко – скопската епархија.