Пендаровски и Владата да го поддржат законот за здруженија и фондации предложен од ВМРО-ДПМНЕ, повика Мицкоски
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска ги повика Владата и претседателот на државата, Стево Пендаровски да дадат поддршка на предлог-измените на Законот за здруженија и фондации што опозициската партија ги достави во Собранието, со цел, како што рече денеска во Прилеп, да се стави крај на провокациите.
„Ја користам оваа прилика и до Пендаровски и до Владата да упатам апел да се поддржи законот и да се стави крај на овие провокации – изјави Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања при денешната посета на Прилеп.
Тој притоа обвини дека власта три месеци ја лажела македонската јавност за измените на овој закон.
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во петокот, минатата недела, денот на отворањето на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид, до Собранието достави нивен предлог за измени на Законот за здруженија и фондации.
Истиот ден од Министерството за правда соопштија дека е формирана работна група за изготвување на нов закон за здруженија и фондации, со кој ќе се доуредат условите врз основа на кои ќе може да се регистрира здружение.
Оттаму информираа дека законот ќе биде објавен на ЕНЕР до крајот на овој месец.