Пендаровски и власта за уставни измени без притисоци, за ВМРО-ДПМНЕ отстапките кои ги бара Бугарија нема да бидат последни


Поддршка, но и осуда на годишното обраќање на претседателот на државата Стево Пендаровски. За власта, забелешките на шефот на државата се конструктивни, опозицијата вели дека се однесува како аналитичар без да презема конкретни чекори.

Во обраќањето пред пратениците во Парламентот, Пендаровски вчера, меѓу другото се осврна на уставните измени, нагласувајќи дека е потребна јасна и чиста процедура за промена на Уставот.

– Потребна ни е кристално јасна и чиста правна и политичка процедура за промена на Уставот, каква што ѝ доликува на една европска демократија. Никој никого не треба да притиска, ниту да условува за да гласа спротивно на својата волја, порача Пендаровски.

Зборувајќи за комплексот прашања поврзани со нашата евроинтеграција која конечно е отворена по долги седумнаесет години чекање, Пендаровски истакна дека пратениците треба да имаат предвид две работи во однос на прашањето за промена на Уставот.

– Прво, самата содржина на конкретниот предлог, впишувањето на Бугарите и делови од други народи во Уставот, на ниту еден начин не го руши македонскиот идентитет, и второ, тие што се денес против, ако навистина веруваат дека ЕУ е нашата стратешка цел, нашата стратешка константа од 1991-та до денес и ако се денес против, како ќе гласаат за оваа уставна промена кога ќе бидат на власт, кажа Пендаровски.

Обврската за промена на Уставот, нагласи претседателот, не е поврзана со отворањето на клубовите на Бугарите во земјава, меѓутоа, останува впечатокот дека „станува збор за временски темпирана и организирана активност” која не придонесува за градењето доверба меѓу Скопје и Софија.

– Со тензиите кои ги крена отворањето на овие клубови, за жал, другата страна одбра конфронтациски наместо, кооперативен пристап кој е целосно на линија со јавната реторика на бугарските историчари во заедничката комисија кои инсистираат историјата да ја доминира целокупната билатерална агенда, наместо да биде само еден нејзин сегмент, порача Пендаровски.

Фактот дека не постои никакво системско нарушување на правата на бугарското малцинство, не треба да ја лимитира нивната можност да отвораат клубови каде сакаат и колку сакаат, но, како што нагласи, со стриктно почитување на македонските закони кои се компатибилни со европските.

– Инаку, за помладите кои не ги паметат 1990-тите, наспроти општата перцепција, Македонците и македонските граѓани знаеле да се обединат и заеднички да работат во интерес на државата, независно кој бил на власт: за референдумот за независност во 1991-та бил формиран и функционирал заеднички штаб на власта и опозицијата, одлуката за аплицирање за членство во НАТО од декември 1993 е донесена со поддршка на власта и опозицијата, амандманите кои произлегоа од Рамковниот договор се усвоени со двотретинско мнозинство, а Резолуцијата за државните позиции во однос на Бугарија минатата година беше поддржана од 95 пратеници, потсети Пендаровски.

За прашањето дали може да има гаранции дека тоа ќе биде последното барање кон нас во процесот на преговори, претседателот Пендаровски го посочи како пример тоа што Бугарија и Романија, кои се членки на Унијата петнаесет години, неодамна беа блокирани за влез во Шенген зоната.

– Ако две членки на Унијата беа блокирани за влез во еден од најважните проекти на единствениот европски простор, се разбира дека никој не може да ѝ даде гаранции на земја-кандидат која тукушто ги почна преговорите кои не се праволиниски, рече Пендаровски.

Затоа, според него, во процесот треба да влеземе со самодоверба и да се фокусираме на исполнување на критериумите кои ќе обезбедат подобар живот на нашите граѓани.

– Одамна помина времето кога го меревме успехот во интеграциите според бројот на усвоените закони. Граѓаните чекаат резултати, порача шефот на државата.

Власта, според Пендаровски, мора да направи напори во целиот тек на преговорите во тимовите да учествуваат и експерти предложени од граѓанските организации, но и од опозицијата.

Таков предлог, според него, треба да дојде, од најмалку две причини: прво, затоа што преговорите сигурно го надминуваат мандатот на една влада, и второ, ако не го собереме сиот креативен и експертски потенцијал на едно место, преговорите ќе траат подолго.

Пратеничката од редовите на СДСМ Даниела Колева во изјава за медиумите по годишното обраќање на Пендаровски рече дека го поздравуваат „тоа што претседателот цврсто стои зад политиките кои значат европски вредности дома, кои го јакнат стратешкото партнерство со САД и водат до полноправно членство во ЕУ”.

– Одговорност на сите пратеници е да се направи и последниот исчекор – уставните измени. Не смееме да дозволиме самите да се блокираме, туку целосно да го заокружиме процесот до полноправно членство во Унијата, рече Колева.

Повика на обединување на сите општествени и политички чинители околу европскиот пат на земјата.

– На оваа линија ги цениме и апелите на претседателот Пендаровски. Претседателот го потенцираше значењето на почетокот на преговорите со ЕУ што се случи оваа година по државничките одлуки на премиерот Ковачевски, коалициската влада и мнозинството во собранието. После 17 години стоење во место конечно започнавме преговори со ЕУ, скринингот е во тек. Започнавме преговори со заштитен македонски јазик и идентитет. Потврда за тоа е потпишувањето на договорот ФРОНТЕКС, рече Колева, додавајќи дека ВМРО-ДПМНЕ „хистерично ширеше лаги и невистини за наводна асимилација и бугаризација кои паднаа во вода”.

За ДУИ, измената на Уставот ни го отвора патот за влез во Европската Унија.

За партијата, исто така, е важно да се донесе клучна државничка одлука за уставните измени. Пратеникот од оваа партија Арбер Адеми изјави дека преостанува без притисок да се донесе државничка одлука.

– Како политичари, политички партии и општество ни преостанува една од клучните теми, а тоа се уставните измени. Секако без притисок, но треба да носиме државнички одлуки. Ќе се направи јасна дистинкција меѓу македонски народ и бугарски народ и тука треба да се спомене дека преку прифаќање на „Францускиот предлог” се призна и официјалниот македонски јазик како еден до официјалните јазици на ЕУ, рече Адеми.

Прашан дали ДУИ се откажува од преговори со албанските политички партии околу промената на формулацијата во Уставот „јазикот што го зборуваат 20 проценти од населението” во албански јазик, Адеми рече дека не се откажуваат, меѓутоа потенцира дека тоа не е условување.

– Партиите од македонскиот политички блок немале ништо против, тие биле подготвени и верувам се уште се подготвени тоа да се инкорпорира. Со предвидување на друга достоинствена формулација ништо практично нема да се смени. Тоа воопшто не е условување и не е услов, рече Адеми.

Смета дека е потребно сите политички партии да работат заедно на креирање широк проевропски фронт за да се заокружат старешките цели на државата.

ВМРО-ДПМНЕ, пак, смета дека уцените и заканите на патот кон ЕУ нема да престанат и отстапките кои ги бара Бугарија нема да бидат последните.

– Стево Пендаровски наместо жестоко да се спротивстави на ваквиот асимиалторски пристап, тој не кажа ниту збор како да се спречи сето ова и не понуди решение. Неговиот добро познат стил на констатирање на вина што од внатре, а што од надвор е веќе залуден затоа што единствени виновници за состојбата во која се наоѓа Република Македонија е власта на СДСМ и ДУИ, рече пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Владо Мисјаловски.

Инаку, претседателот на државата Стево Пендаровски во годишното обраќање во Парламентот се осврна на војната во Украина, потенцирајќи дека агресијата на Русија ги наруши пазарите за храна и енергија во светот, но, пред сѐ, безбедносната инфраструктура во Европа создадена по падот на комунизмот. Тој упати повик до Европската Унија дека очекуваме новиот фокус кон регионот да не биде само епизода, предизвикана од војната која ќе трае додека Украина е во фокусот. За одржување на кредибилноста на интегративниот процес, според претседателот, Европа не смее да дозволи Западниот Балкан да го држи во фокусот само кога има војни или мигрантски кризи.

Пендаровски исто се осврна и на „Францускиот предлог”, потенцирајќи дека одлуката да го прифатиме модификуваниот француски предлог „не е ниту историски триумф, ниту историски дебакл и денес може да издржи аргументирана критика”.

Во својот говор Пендароски ја нагласи и потребата од фокус на внатрешен план, дома. Никој однадвор, како што рече, нема да ја искорени корупцијата во Република Северна Македонија, ако тоа не го направат нашите институции и избраните политички претставници на граѓаните.

За Пендаровски, ова беше година на крупен исчекор и со конечното етаблирање на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија во рамките на православната екумена.

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, пак, вчера нагласи дека Пендаровски се однесува како аналитичар без да презема конкретни чекори.

– Стево Пендаровски изминатиов период се однесува како аналитичар без да презема конкретни чекори. Често ќе го видите во јавност како ќе се залета па кога ќе добие по чело ќе ретерира 2-3 чекори назад, затоа што не му е важно дали ќе биде допадлив за народот, туку дали ќе биде допадлив за владата на ДУИ и СДСМ од која очекува поддршка за следен мандат, изјави Мицкоски при вчерашната посета на општина Аеродром, одговарајќи на новинарско прашање за работата на Пендаровски и неговото обраќање во Собранието.

Мицкоски истакна дека никаде нема да се види дека се прави нешто за да се гарантира безбедноста во државава.

– Државата тоне во инфлација, криминал и корупција, здравството е катастрофа, учениците немаат учебници, дојави на бомби секој ден, а тој се иззема од одговорност иако има цела агенција за разузнавање под негова ингеренција. Не сум слушнал никаков коментар, освен што ја следат опозицијата и мене лично дали воопшто прават нешто за да ја обезбедат безбедноста на граѓаните и Македонија, неговите кадри поставени во агенцијата за разузнавање, потенцира Мицкоски.

Според Мицкоски, Стево Пендаровски е срам за функцијата која ја врши и оти „не е ништо повеќе од партиски полтрон на позицијата претседател на државатa

Back to top button
Close