Пендаровски нема да го потпише Законот за градба ако не се вградени барањата на лицата со попреченост

На средбата со претставниците на Националниот совет на инвалидските организации по повод Светскиот ден на лицата со попреченост претседателот Стево Пендароски најави дека нема да потпише указ на Законот за градба доколку во него не се вградат забелешките на лицата со попреченост, а една од нив е одредбата секоја нова градба да има пристап за инвалиди.

На средбата, претставниците на Националниот совет на претседателот Пендаровски му ги укажаа проблемите и предизвиците со коишто секојдневно се соочуваат. Пред сѐ, ја посочија непристапноста на објектите, недостапноста до образованието, невработеноста на лицата со попреченост, ниските надоместоци од државата, недостиг на соодветни помагала.

Во насока на подобрување на дел од состојбите, претседателот Пендаровски искажа ветување дека нема да го потпише Указот за прогласување на Законот за градба доколку во него не се имплементирани главните сугестии на лицата со попреченост, а коишто предвидуваат новите објекти да бидат пристапни за лица со попреченост.

Нашата држава и натаму заостанува во имплементацијата на Конвенцијата на Обединетите нации за правата на лицата со попреченост, иако е ратификувана пред речиси една деценија, оценил претседателот и нагласил дека се од особена важност членовите 5 и 9 од Конвенцијата кои се однесуваат на правата на пристапност и на еднаквост и недискриминација.

„Потребно е надлежните институции со директна поддршка и вклученост на претставниците од организациите на лицата со попреченост, поефективно да пристапат кон имплементација на споменатите членови. Исто така, неопходно е лицата со попреченост и нивните организации да бидат вклучени во мониторингот, во надзорот над имплементација на Конвенцијата, при што мора да се изнајдат соодветни модалитети за вашето учество во мониторингот за тој да не биде само формалност”, соопштил на средбата шретседателот.

На средбата со претставниците на здруженијата со телесен инвалидитет, на глуви и слепи лица, здруженија на лица со интелектуална попреченост и цивилни и трудови инвалиди, претседателот Пендаровски кажал дека мора да се зголеми динамиката со којашто државни институции работат на укинување на физичките и менталните бариери и имплементација на инклузивното образование, а со тоа и надминување на длабоко вкоренетите стереотипи.

Во услови на пандемијата на ковид-19, како што додаде претседателот Пендаровски, најзагрозени се најранливите категории наши сограѓани, на коишто им е потребна поддршка, солидарност и грижа.

Back to top button
Close