Пендаровски: Немам причина да го бојкотирам вториот круг зашто ќе ги добијам изборите


Немам причина да го бојкотирам вториот круг зашто ќе ги добијам изборите, порача актуелниот шеф на државата и кандидат за втор мандат, Стево Пендаровски, во рамки на изборниот карван во Дојран и Богданци.

За време на средбите со граѓаните, како што соопштија од неговиот изборен штаб, Пендаровски бил прашан за коментар околу обвинувањата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ оти ќе го бојкотира вториот круг од изборите за шеф на државата. Според Пендаровски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ со тоа јавно го кажува својот страв.

Неговиот коментар следува откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, од митингот на партијата на првиот ден од изборната кампања упати прашање до актуелниот претседател на државата дали до крај ќе се бори во вториот круг од изборите или ќе го бојкотира, доколку разликата меѓу него и Гордана Силјановска-Давкова во првиот круг ќе биде со шест цифри во корист на кандидатката поддржана од ВМРО-ДПМНЕ.

За време на изборниот карван во Богданци и Дојран, како што додаваат од изборниот штаб на Пендаровски, актуелниот претседател бил прашан и за коментар во однос на обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ оти не работел транспарентно и ги затворил народните канцеларии.

Во оваа насока Пендаровски кажал оти неговиот кабинет е отворен за посета во секое време и дека воедно, во центарот на Скопје во форма на младинска канцеларија функционира канцеларијата на претседателот.

Back to top button
Close