Пендаровски: Одамна помина времето кога политичките процеси и средби во Тирана ги гледавме како безбедносна закана за нас

Одговарајќи на новинарски прашања, претседателот Стево Пендаровски кажа дека средбата што во вторникот се одржа во Тирана не ја гледа како никаква закана оти, како што рече, нема сомнежи дека албанскиот премиер Еди Рама има некакви задни намери
Одамна помина времето кога треба да гледаме на политичките процеси, настани или средби што се случуваат во Тирана како безбедносна закана за нас, изјави денеска шефот на државата Стево Пендаровски коментирајќи ја средбата што лидерите на албанските партии од земјава ја имаа со премиерот на Албанија, Еди Рама, во Тирана.

Одговарајќи на новинарски прашања по завршувањето на тркалезната маса „Западен Балкан, помеѓу Западот и Истокот: Северна Македонија-членка на ЕУ до 2030 година”, претседателот кажа дека средбата што во вторникот се одржа во Тирана не ја гледа како никаква закана оти, како што рече, нема сомнежи оти албанскиот премиер Еди Рама има некакви задни намери.

„Децении наназад тогашната Социјалистичка Република Албанија беше безбедносна закана за нас. Одамна помина времето кога треба да гледаме на политичките процеси или настани или средби кои се случуваат во Тирана како безбедносна закана за нас. Да не заборавиме, Република Албанија е членка на НАТО и заедно со нас почна преговори во ЕУ. Албанија е наш пријател и воопшто немам никаков сомнеж во некакви задни намери на албанскиот премиер Еди Рама. Го знам прилично добро, го знаете и вие. Не мислам дека таму се креираат некакви антимакедонски сценарија“изјави претседателот.

Во однос на коментарите оти албанските лидери биле повикани во Тирана за да се усогласат за уставните измени, Пендаровски вели дека во тој случај немало потреба да одат на средбата, оти, како што рече, сите што беа во Тирана месеци наназад кажаа оти ќе поддржат промена на Уставот со внесување на Бугарите во Преамбулата.

„Сите тие што беа во Тирана месеци наназад кажаа дека ќе поддржат промена на уставот во оваа смисла. Од тој аспект нема потреба Еди Рама да ги вика албанските политичари во Тирана бидејќи тие не прават проблем за промена на Уставот, барем не овие што беа во Тирана. Не гледам никаква заднина особено не лоша во таа средба“,

додаде шефот на државата.
Во однос на новинарски коментар оти не се гледало негативно ниту на средбата која албанските лидери ја имаа со премиерот на Албанија во 2017 година кога беше донесена тиранската платформа, Пендаровски вели дека во тој постизборен период имало нормално политичко позиционирање на албанските политички субјекти во однос на тоа со кого да бидат во следната влада.

„Имавме режим на заминување во тоа време, имавме тукушто завршени избори и имавме една нормално политичко позиционирање на албанските политички субјекти во однос на тоа со кого да бидат во следната влада. Сега сме далеку од избори, не сме во предизборен период и не можам да видам дека позиционирање и од тој аспект. Ние сме сега во време кога не размислуваме за избори“додаде Пендаровски.

Средбата што ја имаа лидерите на партиите од албанскиот блок со премиерот на Албанија беше позитивно оценета и од премиерот Димитар Ковачевски кој вчера изјави дека секоја средба со албанскиот премиер Еди Рама е добредојдена оти тој, според премиерот, е докажан пријател на Северна Македонија и докажан евроатлантист.

Од друга страна, пак, според опозициската ВМРО-ДПМНЕ, средбата во Тирана била за спас на политичките кариери на премиерот Димитар Ковачевски и неговиот коалициски партнер во Владата, Али Ахмети.

Наместо да има средби во други држави, според ВМРО-ДПМНЕ, власта треба да закаже средба со граѓаните на предвремени парламентарни избори.

Според ВМРО-ДПМНЕ, средбата во Тирана била за спас на политичката кариера и коалиција на СДСМ и ДУИ

Средбата која се одржа во вторникот во Тирана беше иницирана од премиерот на Албанија Еди Рама, а на неа присуствуваа лидерите на сите албански партии од Северна Македонија, освен лидерот на Беса, Билал Касами, кој, иако беше поканет, одби да присуствува.

По средбата, лидерите од партиите на Албанците оценија оти таа поминала релаксирачки и во братски дух, а дека во фокус била заедничката европска иднина на Албанија и Северна Македонија. Потенцираа и дека нема албанска партија во земјава која е против уставните измени за внесување на Бугарите во Уставот.

Back to top button
Close