Пендаровски: Подготвен сум да разговарам со претседателката на Грција, размената на информации околу Договорот од Преспа треба да оди преку МНР

Претседателот Стево Пендаровски, пред два дена, во интервју за Сител телевизија, предложи да се пролонгира рокот за вадење на нови лични документи на кои ќе стои уставното име на државата „Република Северна Македонија“

Претседателот Стево Пендаровски е подготвен да разговара со претседателката на Грција Катерина Сакеларопулу, со цел да се изнајде начин за пролонгирање на рокот за важност и замена на личните документи и патните исправи, велат за 24инфо.мк од неговиот кабинет.

„Во рамки на севкупните напори на државата, претседателот Пендаровски е подготвен да даде свој придонес преку комуникација со претседателката на Хеленската Република“истакнуваат од кабинетот на Пендаровски.

Истовремено, оттаму потсетуваат дека тој дал свој предлог за пролонгирање на рокот за замена на документите и посочуваат дека размената на информации околу Договорот од Преспа треба да оди преку МНР.

„Претседателот Пендаровски даде предлог за пролонгирање на рокот за важност и замена на личните документи и патните исправи. Доколку Владата смета дека предлогот е добар може веднаш да започне иницијатива за негова реализација. Преспанскиот договор е потпишан од министрите за надворешни работи, во име на владите на двете држави и размената на информации во таа смисла треба да се одвива во тие рамки. Со оглед дека Преспанскиот договор е важен и во контекст на нашите преговори со Европската Унија информирањето кон Брисел треба да се одвива и преку Секретаријатот за европски прашања“стои во писмениот одговор од кабинетот на шефот на државата.

Претседателот Стево Пендаровски, пред два дена, во интервју за Сител телевизија, предложи да се пролонгира рокот за вадење на нови лични документи на кои ќе стои уставното име на државата „Република Северна Македонија“.

„Ова го предложив на најмалку двајца министри во македонската влада – со брза интервенција во два закона, за лична карта и за патни исправи, и ако е потребно и Законот за безбедност во патниот сообраќај. Тоа се прави во едно попладне, знаеме дека може да се направи во едно попладне, не мора со европско знаменце да биде. Ќе ги измениме тие два закона, ќе го пролонгираме рокот, наместо февруари да биде септември-октомври“рече претседателот Пендаровски.

Тој нагласи дека за евентуалното пролонгирање на рокот ќе треба да се известат и Грците со цел да им укажеме дека немаме намера да бегаме од обврските од Преспанскиот договор.

Предлогот на Пендаровски, премиерот Димитар Ковачевски вчера го оцени како добар и рече дека претседателот Пендаровски би можел да се слушне со неговата грчка колешка.

„Голем број на граѓани треба да го исполнат законскиот рок во однос на менување на патните исправи, пред се тука мислам на меѓународните. Прво ќе се консултирам со двајца министри со кои разговарал претседателот. Сите предлози за мене се добри кои можат да унапредат нешто. Верувам дека и претседателот Пендаровски може да се слушне со претседателката на Грција бидејќи и тоа е нивото на коешто може да се комуницира. Ќе поразговараме на седница на Влада во однос на можноста ова да се направи. Претседателот Пендаровски најдобро знае бидејќи тој беше вклучен во подготовката на Преспанскиот договор, при зачленувањето во НАТО бидејќи колку што знам беше координатор за НАТО, веројатно има повеќе детали околу тоа како би можело да се реши на меѓународно ниво со Грција и зошто да не“ рече Ковачевски.

Back to top button
Close