Пендаровски: Полска е наш гласен поддржувач, политичкиот дијалог меѓу двете земји е на највисоко ниво

Полска отсекогаш била наш принципиелен и гласен поддржувач, а во следниот период, полската поддршка ќе биде засилена не само билатерално, туку и преку Вишеградската група, како и преку другите регионални форуми во кои членува. Поддршката во рамките на ЕУ се подразбира. Се зголемува и економската соработка меѓу двете земји, но во следниот период треба потесно да се соработува на овој план, констатираа на денешната средба претседателите на Северна Македонија и Полска, Стево Пендаровски и Анджеј Дуда.

Претседателот Пендаровски, кој денеска е во официјална посета на Полска, на прес-конференцијата по средбата со Анджеј Дуда, посочи дека интензивираниот политички дијалог меѓу двете земји е на највисоко ниво во последниве години и тоа и во време на глобални кризи.

 

-Со претседателот Дуда зборувавме за македонските евроинтеграции и отпочнувањето на нашите преговори за членство во Европската Унија. Полска отсекогаш била наш принципиелен и гласен поддржувач и во таа насока посебно ја поздравувам подготвеноста на нашите домаќини да ги користиме нивните искуства и експертиза за време на процесот на преговори. Верувам дека во следниов период, полската поддршка ќе биде засилена и тоа не само билатерално, туку и преку Вишеградската група, како и преку другите регионални форуми во кои членува, рече Пендаровски.

Централната тема на состанокот, како што напомена Пендаровски, беше војната во Украина и последиците од неа. Претседателот потенцираше дека ќе продолжиме да обезбедуваме воена и хуманитарна помош за украинскиот народ.

-Во оваа прилика, од овде, од Варшава сакам уште еднаш да ја потврдам нашата позиција дека Република Северна Македонија останува конструктивен партнер на западната алијанса во одговорот на руската агресија преку целосно спроведување на рестриктивните мерки на ЕУ, како и во поддршката на територијалниот интегритет и суверенитет на Украина во нејзините меѓународно признаени граници, рече Пендаровски.

Пендаровски рече дека со претседателот Дуда ги потврдиле заедничките заложби како кредибилни партнери во НАТО Алијансата и ја поздравиле соработката меѓу двете држави како дел од ОБСЕ тројката.

-Високо го цениме полското претседавање со ОБСЕ оваа година, и ве уверувам дека ќе продолжиме уште поинтензивно да даваме свој придонес во намалување на последиците од војната преку македонското претседавање со оваа организација во наредната, 2023 година, додаде Пендаровски.

Во однос на економската криза, Пендаровски рече дека иако е неспорен фактот дека меѓу Северна Македонија и Полска се зголемува економската соработка, заеднички констатирале дека во наредниот период треба потесно да соработуваат на овој план.

Претседателот Пендаровски ја истакна и соработката во образованието и културата, како успешен пример на македонско-полските односи и градењето на образовните, јазичните и културните врски. Утрешниот, втор ден од негивата посета на Полска ќе го посвети токму на оваа соработка.

Back to top button
Close